АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ЗОШТО 4 МЕСЕЦИ НЕ СЕ УРИВА ГАЛИЈАТА ВО ВАРДАР

    АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ЗОШТО 4 МЕСЕЦИ НЕ СЕ УРИВА ГАЛИЈАТА ВО ВАРДАРВеднаш откако Арсовска ја презеде градоначалничката фунција, сопственикот на бројот објави видео како со пцовки и навреди ги брка работниците кои го уриваа бродот велејќи им „Кај Петре да одите сега“. (Фото: СДК.МК)

    Откако завршија локалните избори и Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје, галијата во реката Вардар не се урива. Веќе четврти месец, на кејот ги нема работниците кои по налог на ексградоначалникот Петре Шилегов почнаа со демонтирање на бродот. Сега тој стои разурнат одвнатре, не може да врши дејност, но не се отстранува од коритото на реката.

    Веднаш откако Арсовска ја презеде градоначалничката фунција, сопственикот на бројот објави видео како со пцости и навреди ги брка работниците кои го уриваа бродот велејќи им „Кај Петре да одите сега“.

    Од кабинетот на Арсовска не добивме одговор на нашите прашања зошто бродот не се отстранува и дали градоначалничката дала налог да се прекине со уривањето.

    Арсовска по доаѓањето на функцијата само кусо кажа дека бродот е завршена приказна.

    Бродот „Среќа“, кој е дел од трите галии поставени во рамките на проектот „Скопје 2014“ на владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, почна да се урива лани пролетта. Сопственикот на бродот го тужи Град Скопје бидејќи, според него, бесправно се урива. Ексградоначалникот Петре Шилегов при почетокот на уривањето кажа дека се исполнети сите услови за нејзиното отстранување, односно сопственикот немал платено три кирии, што според договорот овозможува негово раскинување. Шилегов ја почна постапката за уривање и на бродот кај МЕПСО, но за него сè уште нема извршно решение поради тужба на сопственикот.

    Трите бродови во Вардар заедно со пешачките мостови претставуваат опасност реката да се излее при пообилни дождови бидејќи тие се еден вид препрека во коритото. Ова го покажува студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи. Во студијата се вели дека бродовите за третина ја намалиле проточноста на реката и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

    При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира