АРСОВСКА СО ВИДЕО ОБРАЌАЊЕ СООПШТИ ДЕКА НОВОГОДИШНО ЌЕ ГО КРАСИ СКОПЈЕ, ПАК ИЗБЕГА ОД НОВИНАРИТЕ

    АРСОВСКА СО ВИДЕО ОБРАЌАЊЕ СООПШТИ ДЕКА НОВОГОДИШНО ЌЕ ГО КРАСИ СКОПЈЕ, ПАК ИЗБЕГА ОД НОВИНАРИТЕАрсовска ја соопшти веста за Нова година преку видео објавено на нејзиниот фејсбук профил, без да има можност за новинарски прашањеа. (Фото: Принтскрин од видео)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска преку видео обраќање соопшти дека главниот град за Нова година ќе биде украсен без пари. Таа избегнувајќи ги новинарите, не свикувајќи прес-конференција за да може да се постават новинарски прашања, преку видео снимено од нејзиниот тим и објавено на нејзиниот фејсбук профил, соопшти дека со фирмата „Линк медиа плус“ спогодбено го раскинала договорот од 240.000 евра кој го склучи ексградоначалникот Петре Шилегов.

    „На 10 декември започнува новогодишното украсување на Скопје. На мојот повик се јавија компании кои ја покажаа својата општествена одговорност, а ‘Линк Медиа’ најави дека ќе го украси  Скопје за Нова Година без фискални импликации по Градот, за што денес склучивме меморандум. Со оваа рационализација, средствата ќе ги пренамениме за ранливите групи граѓани“, кажа Арсовска во видеоснимката.

    Неделава, Град Скопје на својата веб-страна објави јавен повик за изработка на идеен проект со реализација за настан новогодишен базар „Винтерленд“. Во повикот стои дека право на учество на јавниот повик имаат сите здруженија на граѓани, фондации, федерации, установи, трговски друштва и маркетинг агенции, а користењето на доделените средства ќе биде регулирано согласно потпишан договор со Град Скопје.

    САКАМДАКАЖАМ.МК утрово испрати прашања до кабинетот на Арсовска во врска со концептот на „Винтерленд“ и колку пари за него ќе се потрошат од буџетот на Градот, со оглед дека таа најави оти нема да се трошат пари од граѓаните, а во огласот стои дека ќе се доделат средства. Одговор на прашањата до објавување на текстот не добивме.

    Откако е дојдена на функцијата Арсовска ги избегнува новинарите. Нејзиниот кабинет не ги најавува активностите на кои се појавува за да не се појават и новинари, а потоа објавува или соопштенија, или видеа и фотографии направени од нејзиниот тим. Никој не одговара ниту на официјалните адреси за е-пошта за односи со јавноста.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира