АРСОВСКА СИ СТАВА РОЛЕТНИ И КАМЕРИ И НИШТО НЕ РАБОТИ, ВЕЛАТ ОД ВМРО-ДПМНЕ, ТАА ОДГОВОРИ ДЕКА НЕ МОЖЕ СЕГА ДА ИМ ПРЕЧИ НЕШТО ШТО ДО ВЧЕРА ПОДДРЖУВАЛЕ

    АРСОВСКА СИ СТАВА РОЛЕТНИ И КАМЕРИ И НИШТО НЕ РАБОТИ, ВЕЛАТ ОД ВМРО-ДПМНЕ, ТАА ОДГОВОРИ ДЕКА НЕ МОЖЕ СЕГА ДА ИМ ПРЕЧИ НЕШТО ШТО ДО ВЧЕРА ПОДДРЖУВАЛЕСоветниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа Арсовска да си поднесе оставка оти граѓаните не ја избрале за коалиција со ДУИ од чие редови постави двајца директори. (Фото: К. Попов)

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје денеска се пожалија дека градоначалничката Данела Арсовска не им одговарала на советничките прашања и ништо не сработила од програмата за модерно Скопје. Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска, кажа дека Арсовска има време да си ги уредува канцелариите, а нема време за проблемите на граѓаните кои ја избраа. Побара градоначалничката да си поднесе оставка, оти ги излажала граѓаните со тоа што сега е во коалиција со ДУИ.

    „Имате време да менувате ролетни во канцеларијата на секретарот на Градот, да ставате камери, нови врати, а немате време да одговорите на ниту едно советничко прашање. Ние тие прашања ги поставуваме во името на граѓаните кај кои чукавте на врата пред избори. Сакам да ви ја честитам новата коалиција за која граѓаните немаше да ви дадат поддршка на изборите. Ако сте сигурни, тогаш излезете и дајте си оставка па граѓаните нека го кажат своето мислење”, рече Андоновска.

    Од советничката група на СДСМ им замерија на ВМРО-ДПМНЕ зошто се сега толку загрижени за односот на градоначалничката, кога таа цела година не одговара на ниту едно советничко прашање и тоа досега не им пречеше.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Арсовска со точките на денешната седница не предложила ниту еден проект од програмата за модерно Скопје, со кои се решаваат проблемите на граѓаните и дека досега не реализирала многу проекти кои биле изгласани на изминатите седници, а кои тие како партија ги поддржале.

    Арсовска им одговори дека не може нешто за што до вчера го поддржувале сега да им пречи.

    Хипокризија на денешницава. Поранешниот генералниот секретар, кој е ваш близок соработник, треба да го прашате зошто не реализирал дел од проектите за кои зборувате, бидејќи и тој беше надлежен за нивна реализација. Ве молам, да се однесуваме соодветно како што треба. Не може нешто вчера што сте застапувале, денеска да кажувате дека не чини. Не може нешто до вчера што сте поддржувале сега да сакате да го саботирате и да го поставувате во негативно светло. Ако веќе декларативно шпицниот градоначалник излегува и кажува дека ќе ја поддржите оваа програма, однесувајте се соодветно и навистина поддржете ја“, рече Арсовска.

    Градоначалничката Арсовска и денеска како и на минатата седница седеше во галеријата на крајот од салата на Советот на Град Скопје каде седат службите, а не во првиот ред каде е столчето за функцијата градоначалник на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира