АРСОВСКА ТВРДИ ДЕКА НЕМА ПОЛИТИЧКИ АМБИЦИИ, А НА ИЗБОРИТЕ ПРЕД 3 МЕСЕЦИ БЕШЕ КАНДИДАТКА ЗА ПРАТЕНИЧКА И ОСВОИ 1.571 ГЛАС

    АРСОВСКА ТВРДИ ДЕКА НЕМА ПОЛИТИЧКИ АМБИЦИИ, А НА ИЗБОРИТЕ ПРЕД 3 МЕСЕЦИ БЕШЕ КАНДИДАТКА ЗА ПРАТЕНИЧКА И ОСВОИ 1.571 ГЛАСДенеска прашана дали ако смета дека никаква вина за состојбите во градот ќе се кандидира пак за градоначалничка, рече дека нема никакви политички амбиции. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска нa прес-конференција рече дека нeма политички амбиции, а формираше своја партија и на парламентарните избори во мај годинава се кандидираше за пратеничка во Собранието.

    Арсовска во јануари годинава ја презеде и стана претседателка на партијата Нова алтернатива. На парламентарните избори во мај беше носителка на листа во Првата изборна единица и освои само 1.571 глас.

    Денеска, прашана дали ако смета дека нема никаква вина за состојбите во градот ќе се кандидира пак за градоначалничка, рече дека нема никакви политички амбиции.

    Не планира ниту да си даде оставка од градоначалничката функција, зашто смета дека таа не е виновна за ништо во врска со катастрофалната состојба во главниот град.

    Арсовска, која денеска после 6 месеци се појави на прес-конференција, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ е крива што Скопје е без автобуси и градот е валкан. Вели дека таа нема никаква вина, да било до нејзе во градот сè ќе било спроведено, но советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ги блокира програмите и затоа таа не може ништо да реализира. Прес-конференцијата е по вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски за решавање на проблемите во Град Скопје, на која беа и министерот за локална самоуправа Златко Перински и претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.

    Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2021, а лидерот Мицкоски ја фалеше и велеше дека е жена менаџерка и токму таа треба да стане градоначалничка. Арсовска и Мицкоски се скараа десет месеци откако таа ја презеде функцијата, а кавгата почна поради менаџирањето на парите за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект од 200 милиони евра европски пари што треба да го спроведе „Водовод и канализација“. Златко Перински, кој стана директор на „Водовод“ кога Арсовска дојде на власт, по кавгата беше резрешен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира