АРТАН ГРУБИ СЕ ПРЕМИСЛИ, УЧИЛИШТЕТО ИМ ОСТАНУВА НА ТЕТОВСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ

    АРТАН ГРУБИ СЕ ПРЕМИСЛИ, УЧИЛИШТЕТО ИМ ОСТАНУВА НА ТЕТОВСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИВо вторник ќе биде донесена одлука просториите кои ѝ беа доделени на Агенцијата за катастар на недвижности да се вратат повторно во служба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    По огромниот револт, не само кај тетовци туку и во целата држава, што ја предизвика одлуката на Владата една зграда од тетовската гимназија да им се одземе на учениците и да му се даде на тетовскиот Катастар, Првиот заменик премиер Артан Груби на социјалните мрежи излезе со соопштение во кое вели дека ја повлекува донесената одлука, а тетовските гимназијалци си го задржуваат училиштето. Најавува дека во вторник ќе биде донесена одлука просториите кои ѝ беа доделени на Агенцијата за катастар на недвижности да се вратат повторно во служба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.

    „Во врска со изнесените полемики во јавноста за давањето на стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово во служба на Агенцијата за катастар на недвижности, би сакал да дадам објективно разјаснување на целата ситуација и да појаснам дека во одобрувањето на оваа одлука од страна на Владата нема никаква намерна тенденција. Ваквата одлука првично е донесена на барање на Агенцијата за катастар во 2021 година, во времето кога општина Тетово ја водеше г-ѓа Теута Арифи. Владата тогаш ја разгледа разумноста на ова барање за задоволување на просторните потреби на Агенцијата за катастар, која ја чуваше документацијата на несоодветни простори и даваше услуги во непристојни услови за граѓаните на Тетово и ја усвои одлуката, но на барање на општината тогаш и ги врати просториите на располагање на училиштето“, вели во обраќањето Груби на неговата Фејсбук страница.

    Според Груби, оваа година Агенцијата за катастар го повторила барањето со образложение дека постојат неискористени простории, па исто како и во 2021 година, Владата ја усвоила одлуката тие простории да преминат на користење на Агенцијата за катастар .

    „Но, наоѓајќи се секогаш во служба на потребите на граѓаните, потенцирам дека барањето на родителите и учениците за потребата од користење на тие простории е апсолутен приоритет за мене и за Владата, затоа и без никакво двоумење веќе од вторник, Владата ќе го врати на нивно располагање стариот објект на Средното медицинско училиште во Тетово, исто како што направивме и пред една година, стои во објавата на фејсбук статусот на Груби.

    Ваквата одлука на Владата ја поздравува и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    „Добиена е битката со Владата на СДСМ-ДУИ. На прес конференцијата изразив загриженост за тоа како Владата на ДУИ-СДСМ незаконски потпишала одлука со која објектот познат како ‘Стара медицина’ се дава на користење на Катастар. По притисокот што ние како Општина го извршивме врз Владата, добивме информација дека оваа незаконска одлука ќе се повлече и учениците ќе продолжат да учат во истиот објект. Интересот на граѓаните за нас е во прв план и нема да дозволиме тетовци да бидат оштетени од оваа власт“, кажа градоначалникот Билал Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира