АВТОМОБИЛИСТИТЕ ОД СТОЈАКОВО СО „РЕНО 4“ СТАРО 40 ГОДИНИ ВЕЧЕРВА ТРГНУВААТ ЗА КИНА

    АВТОМОБИЛИСТИТЕ ОД СТОЈАКОВО СО „РЕНО 4“ СТАРО 40 ГОДИНИ ВЕЧЕРВА ТРГНУВААТ ЗА КИНАЗа да докаже дека постарите возила може да издржат огромни дестинации, Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од Стојаково одлучија да возат 23.000 километри до Пекинг и со „реното“ да стигнат до Кинескиот ѕид. (Фото: СДК.МК)

    Возачкиот тандем Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од Стојаково, кои лани реставрираа возило „рено 4“ старо 40 години и со него патуваа до Франција и назад, тргнуваат за Кина откако пакистанските власти не им гарантираа безбедност за планираната дестинација до Мумбај, Индија преку нивната држава, за да ја возат патеката на Мајка Тереза. За да докаже дека постарите возила може да издржат огромни дестинации, оваа двојка се одлучи да вози до Пекинг и со „реното“ да стаса до Кинескиот ѕид. Патот е долг 23.000 километри, што е многу повеќе од ланската дестинација до Ница, Франција каде беа на саем на олдтајмери.

    Патот е долг 23.000 километри; – рутата на патувњето од Стојаково до Пекинг.

    „Мисијата до Индија се откажа поради тензиите меѓу Индија и Пакистан. Не добивме силни гаранции дека сè ќе помине без проблем во делот меѓу Иран и Пакистан каде што контролата ја имат локалното население со локални шерифи. Од таа причина, се одлучивме со Реното да патуваме до Кина, конкретно до Пекинг за да го посетиме Кинескиот ѕид“, вели Џоко Шуклев и додаде дека и овој пат во „реното“ ќе нема клима туку мал вентилатор ако се соочат со високи температури.

    Логото на потфатот

    Шуклев и Николов изминатиов период интензивно беа во работилницата на мајстор Владе во Стојаково, но и кај Шуклев каде го освежуваа возилото со нови делови за да може да ја издржи новата делница до која планираат да стасат преку Москва, Русија.

    „Реното“ стана популарно и многу младенци го бараат за фотосесија (Фото: СДК.МК)

    „Тргнуваме од Стојаково, па преку Србија до Унгарија. Од таму се упатуваме кон Украина и одиме за Москва, Русија од каде се упатуваме кон Монголија и се спуштаме во Кина. Целата дестинација ни е планирана за околу 30 дена. Секако ќе има попатни станици каде ќе одмараме“, вели Шуклев.

    Целата дестинација ни е планирана за околу 30 дена. Секако ќе има попатни станици каде ќе одмараме“, вели Шуклев; – Николов го освежува моторот на колата (Фото: СДК.МК)

    „Реното 4“ е произведено 1978. Шуклев и Николов со сопствени средства но и од спонзори го реставрираа и отпатуваа лани до Франција и се вратија. Во Стојаково беа пречекани како вистински херои, а меѓу присутните беше и министерот за надворешни Никола Димитров со дел од амбасадорите на Србија, Словенија и преставници од хрватската и италијанската амбасада во земјава.

    Шуклев и Николов изминатиов период интензивно беа во работилницата на мајстор Владе во Стојаково. (Фото: СДК.МК)

    „Се одлучивме на ова делница оти сакаме да ги тестираме границите на издржливоста на ‘реното’ и да успееме да бидеме првите Македонци кои стигнале до Кинескиот ѕид со ‘рено’. Мислам дека психофизички сме спремни за овој потфат“, вели Николов кој е професионален возач.

    Тие мисијата ја започнуваат од центарот на Стојаково со кршење шише шампањско. За да го реализираат целиот потфат добија финансиска и стручна помош од повеќе фирми и институции, додека МНР ги обезбеди по брза постапка визите за Русија, Монголија и Кина. Паралелно, дадени се и контакт центри за каква било помош на патувањето долго 23.0000 километри.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира