БАБУНА И ВАРДАР СЕ ЗАГАДЕНИ, ВЕЛЕШАНИ МОЖЕ ДА СЕ КАПАТ САМО ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    БАБУНА И ВАРДАР СЕ ЗАГАДЕНИ, ВЕЛЕШАНИ МОЖЕ ДА СЕ КАПАТ САМО ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТСамо водите на езерото Младост, каде преку лето доаѓаат гости не само од градот, се епидемиолошки сигурни. (Фото: СДК.МК)

    Водата во езерото Младост е исправна за капење и рекреација, додека останатите рекреативни центри во околината на Велес имаат бактериолошки неисправна вода. Ова се податоците од тестирањата на квалитетот на водите за јуни, кои редовно ги врши Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес.

    Водата во реката Бабуна во нејзиниот долен тек не е за капење, Вардар низ Велес е во највисока категорија на загаденост, додека водите на реката Тополка не се мерат. Само водите на езерото Младост, каде преку лето доаѓаат гости не само од градот, се епидемиолошки сигурни.

    „Резултатите на испитаните четири мостри вода земени во мај и јуни на мерните места Градска плажа 1 и Романтик плажа покажуваат дека квалитетот на водите на акумулацијата Младост одговараат на бараните микробиолошки критериуми, а отстапувањето се однесува на зголемена матност и сатурација, кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето. Само водите на езерото Младост се епидемиолошки сигурни и можат да се користат за капење и рекреација“, вели примариус д-р Снежана Петрова,  специјалист по хигиена од ЦЈЗ.

    Следењето на квалитетот на водите на реката Бабуна, во долниот тек, се врши на едно мерно место познато како Прва плажа, кај фудбалското игралиште. Резултатите на испитаната мостра земена во јуни, покажуваат дека водите на Бабуна биле во трета класа по бактериолошка контаминација. Поради тоа Бабуна, во нејзиниот долен тек не е дозволена за капење.

    Испитување на квалитетот на водите на реката Вардар кај Велес се врши на две мерни места, на влезот во градот кај мостот на Башино Село и на излезот кај Долни Дуќани. Анализите покажуваат дека водите се во петта класа по присуство на амонијак и матност, четврта класа по бактериолошка контаминација, трета класа по присуство на фосфати и поради тоа не треба да се користат за капење, рекреација и наводнување.

    Иако до минатата година се земаа мостри од долниот тек на реката Тополка, од годинава таа не се испитува. Од ЦЈЗ појаснија дека оваа река повеќе не е во националната програма и затоа не се следи. Од јули, Центарот почнува да го испитува квалитетот на водите од градскиот базен, но и од сите базени на хотелите во градот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира