БАРОКНИОТ АРХИТЕКТ ЧАУШЕВСКИ ГРАТИС НАЦРТА МОДЕРНА ФАСАДА ЗА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА НА ГАЗИ БАБА

    БАРОКНИОТ АРХИТЕКТ ЧАУШЕВСКИ ГРАТИС НАЦРТА МОДЕРНА ФАСАДА ЗА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА НА ГАЗИ БАБАПрвичното решение на како што се бараше во огласот распишан од ексградоначалникот Тони Трајковски предвидуваше зградата да биде во барок стил, со куполи и статуи, налик на објектите во центарот на градот од проектот „Скопје 2014“.(Фото: Општина Гази Баба)

    Новата зграда на скопската општина Гази Баба нема да биде барокна туку со модерна енергетско ефикасна фасада. Авторот на проектот за барок изглед на фасадата на општинската зграда Жарко Чаушевски, по налог на градоначалникот Борис Георгиевски направил нов проект без притоа да добие дополнителни пари.

    Првичното решение на Чаушевски како што се бараше во огласот распишан од ексградоначалникот Тони Трајковски предвидуваше зградата да биде во барок стил, со куполи и статуи, налик на објектите во центарот на градот од проектот „Скопје 2014“. Чаушевски е автор на идејните решенија на барокните фасади на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“. Тој го направи идејното решение за зградата на Владата, ЈП „Водовод и канализација“ како и дел од фасадите на зградите во центарот на градот.

    Архитектот Жарко Чаушевски за изработка на барокниот проект доби од општината 2.193.915 денари. (Фото: Фејсбук)

    „Општинската зграда нема да има барокна фасада туку модерен изглед. Веднаш штом стапив на функцијата побарав од авторот Жарко Чаушевски да направи ново решение. Без проблем прифати а притоа не му беа исплатени дополнителни средства“, вели градоначалникот Георгиевски.

    Општинската зграда ќе се наоѓа на местото на ресторанот „Галеб“. Ќе биде на шеста ката со две нивоа подземен паркинг. Ќе се гради со јавно-приватно партнерство, односно фирмата која ќе биде избрана на јавен повик без надоместок ќе ја гради зградата а притоа ќе го добие земјиштето каде сега се наоѓаат општинските бараки и каде според Деталниот урбанистички план има маркичка за деловен објект на 15 ката.

    „До крајот на мојот мандат очекувам да имаме нова општинска зграда. Има голем број заинтересирани инвеститори. Овој дел станува атрактивен особено по најавите за изградба на трговски центар на местото на саемот“, додава Георгиевски.

    Општина Гази Баба во декември 2016 година склучи договорот со фирмата на Чаушевски „Архитектоника“ за изработка на основен проект за општинската зграда. Чаушевски за изработка на проектот доби од општината 2.193.915 денари.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира