БЕСАР ДУРМИШИ ОД БЕСА ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, СО ПОДДРШКА ОД НЕЗАВИСНИТЕ СОВЕТНИЦИ ОД „ПОДОБРО ЗА ТЕТОВО“

    БЕСАР ДУРМИШИ ОД БЕСА ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, СО ПОДДРШКА ОД НЕЗАВИСНИТЕ СОВЕТНИЦИ ОД „ПОДОБРО ЗА ТЕТОВО“Дурмиши, зборувајќи за распределбата на функциите во ппштината рече дека со Алијанса за Албанците немале коалиција за распределба, додека за ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот и претседател на Беса Касами наскоро ќе се произнесе. (Фото: СДК.МК)

    Со 16 гласови „за“ и 14 „воздржани“, Бесар Дурмиши од Движењето Беса е избран за претседавач на Советот на Општина Тетово. Изборот одеше без поголема дискусија, но добиеното мнозинство на гласови, не значи дека Беса и коалиционите партнери имаат мнозинство во Советот.

    За неговиот избор гласаа 8 претставници од неговата партија, 4 од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од Алијанса за Албанците, додека советникот од Алтернатива гласаше воздржано. Во гласањето пресудни беа гласовите на двајцата советници од независната листа „Подобро за Тетово“ кои рекоа дека тоа што сега гласале „за“ не значи дека влегле во коалиција со мнозинството, туку дека за секоја наредна одлука која што Советот треба да ја донесе ќе гласаат за неа само ако е во полза на граѓаните. Тие исто така побараа од претседавачот на Советот и од градоначалникот јавно да се согласат со неколку нивни барања како услов да го добијат нивниот глас.

    „Нашиот глас ‘за’ претседател на Советот не треба да се прифати како глас на мнозинството и како нешто што секогаш ќе биде ‘за’. Ние секој предлог поединечно ќе го разгледуваме и ако оцениме дека не е добар за граѓаните, ние ќе бидеме против. За да гласаме ‘за’ имаме 10 предлози кои се темелени на три столбови од нашата платформа, а тие се: транспарентност и отчетност, чиста средина и град со план и го молиме претседавачот, а и градоначалникот, јавно да се изјаснат дека ќе ги поддржат овие наши предлози кои се многу битни за нас и за граѓаните“, побара Елмедина Абдулаху од движењето „Подобро за Тетово“.

    Новоизбраниот претседавач на Советот на Општина Тетово порача дека се согласува со овие барања и дека дел од нив веќе се исполнети.

    „Дел од овие барања ние веќе имаме исполнето, еве и оваа седница се пренесува во живо на социјалните мрежи, 372 договори за дело веќе се раскинати од страна на градоначалникот и ќе ги бараме причините зошто се склучени, ќе ја направиме и ревизијата на работењето на Општината за што ни требаат шест месеци, и ќе се бориме против сé што е против законито и сé ќе работиме за доброто на граѓаните. Но, не само овие, во нашата програма имаме уште многу работи за кои бараме поддршка. Имаме многу наследени проблеми кои треба заедно да ги решиме. Избрани сме од граѓаните и треба да работиме за нив“, изјави новиот претседавач на Советот на Општина Тетово Бесар Дурмиши.

    Дурмиши, зборувајќи за распределбата на функциите во ппштината рече дека со Алијанса за Албанците немале коалиција за распределба, додека за ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот и претседател на Беса Касами наскоро ќе се произнесе.

    Советот на Општина Тетово брои 31 советник, но еден советник од ДПА веднаш по изборот, од објективни причини, поднесе оставка. Оставката беше усвоена, а на негово место на наредната седница ќе биде избран следниот на листата од оваа партија. Конститутивната седница на Советот за прв пат беше пренесувана во живо преку фејсбук страната на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира