БИ БИЛО ГОЛЕМА ШТЕТА АКО ОХРИД ГО ИЗГУБИ СТАТУСОТ ВО УНЕСКО, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР

    БИ БИЛО ГОЛЕМА ШТЕТА АКО ОХРИД ГО ИЗГУБИ СТАТУСОТ ВО УНЕСКО, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАРСо средби со екологисти и еко-активисти од Охрид и Струга, евроамбасадорот Жбогар денес го најави почетокот на нова кампања под брендот „ЕУ за ТЕБЕ“, насочена кон подигнување на свеста за заштитата на животната средина. (Фото: Фејсбук)

    Би била голема штета за граѓаните, но и за државата доколку Охрид го загуби статусот во УНЕСКО. Оттаму потребата од мобилизација и обединување на сите субјекти во исполнувањето на препораките дадени од УНЕСКО, кажа денес во Охрид евроамбасадорот Самуел Жбогар.

    Евроамбасадорот Жбогар се воздржа од коментар на одлуките на Светската комисија за заштита на културните и природните богатства, но истакна дека на тоа треба да се гледа како на најголема можна тревога, повик кон одговорните институции и целата јавност да преземе активности што ќе ја спречат натамошната деградација на Охрид и Охридското Езеро.

    Со средби со екологисти и еко-активисти од Охрид и Струга, Жбогар денес го најави почетокот на нова кампања под брендот „ЕУ за ТЕБЕ“, насочена кон подигнување на свеста за заштитата на животната средина, со порака дека секој треба да води грижа за животната средина онака како што се грижи за сопствениот дом.

    Тој кажа и дека Северна Македонија е на вистинскиот пат кога станува збор за нејзините евроинтегративни аспирации.

    „Оваа недела ќе го објавиме Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија, за кој верувам дека ќе биде многу позитивен и поддржувачки. На државите-членки е да решат дали земјата ќе отпочне преговори за членство. Европарламентот нема решавачка улога во тој процес“, кажа Жбогар.

    Коментирајќи ги резултатите од спроведените парламентарни избори во рамки на ЕУ, Жбогар рече дека има зголемена поддршка за евроконзервативците, но оти сè уште проевропските партии имаат цврсто мнозинство во Европарламентот.

    „Евроскептичките партии на изборите за новиот состав на Европарламентот навистина бележат зголемена поддршката кај гласачите во Европа, но помалку отколку што беа стравувањата. Главните проевропски партии, оние што сè уште веруваат во идно натамошно зајакнување на ЕУ, сè уште имаат силно мнозинство во Европарламентот што е охрабрувачки“, рече Жбогар.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира