БИОГАСНАТА ЕЛЕКТРАНА ОД ГРАДСКО НАМЕСТО НАД 110.000 ГЛОБА ЗА ХАВАРИЈАТА ЌЕ ПЛАТИ 18.000 ЕВРА, ОТИ СЕ СПОГОДИ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    БИОГАСНАТА ЕЛЕКТРАНА ОД ГРАДСКО НАМЕСТО НАД 110.000 ГЛОБА ЗА ХАВАРИЈАТА ЌЕ ПЛАТИ 18.000 ЕВРА, ОТИ СЕ СПОГОДИ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНАПри увидот на 27 јули е констатирано дека овој течен отпад кој што се користи како ѓубриво во земјоделски активности е транспортиран на соседна парцела без дозвола, направена е лагуна која е пробиена. (Фото: СДК.МК)

    Наместо предвидената парична глоба од 110-120.000 евра, биогасната електрана кај Градско ќе плати 18.000 евра, во денарска противредност за хаваријата што ја предизвика на 28 јули при што се случи голем помор на риба. Ова е спогодбено договорено на медијацијата со Министерството за животна средина (МЖСПП).

    „На ден 13 септември пред Комисијата за спогодување при МЖСПП се одржа расправа во врска со поведената Постапка за спогодување кон ‘Вардар био процес’ Градско, за случената хаварија на ден 28.07.2024“, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

    Непосредно по излевањето на лагуната, тогашниот директор на Инспекторатот Сретен Стојковски, на прес-конференција на 30 јули кажа дека предвидената парична глоба е далеку повисока.

    „При увидот на 27 јули е констатирано дека овој течен отпад кој што се користи како ѓубриво во земјоделски активности е транспортиран на соседна парцела без дозвола, направена е лагуна и истата е пробиена. Односно, течното ѓубриво е истечено во соседните парцели и во реката Вардар. Согласно Законот за животна средина, за овој прекршок од трета категорија е предвидена санкција од 110 до 120 илјади евра за правното лице кое е среден трговец и 6.000 евра за одговорното лице“, рече тогаш Стојковски.

    Деновиве е извршен контролен инспекциски надзор по изреченото решение за хаваријата, со кое компанијата била задолжена да изврши празнење на лагуната од течен пост дигестат во целост, количина од 9.000 метри кубни. Требало да се искористи како течниот пост дигестат за аплицирање на земјоделските површини, но и обврска до го пополни ископот и израмни просторот каде беше лагуната.

    При посетата на надлежниот државен инспектор констатирано е отстранување на загадувањето и враќање на животната средина во задоволителна состојба.

    „Од страна на правниот субјект е постапено по задолженијата од решението, лагуната е испразнета и истата е прекриена и израмнета“, велат од Инспекторатот.

    Жителите на населбата Стопанство близу Градско се жалат и реагираат на смрдеата која доаѓа од елементи кои биогасната електрана ги користи како репроматеријал за добивање електрична енергија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира