БИСТРИЦА, НА 4 КИЛОМЕТРИ ОД БИТОЛА, ОСТАНУВА БЕЗ ВОДА ОТИ ЖИТЕЛИТЕ НЕ САКААТ ДА ПЛАЌААТ ЗА ВОДОВОД

    БИСТРИЦА, НА 4 КИЛОМЕТРИ ОД БИТОЛА, ОСТАНУВА БЕЗ ВОДА ОТИ ЖИТЕЛИТЕ НЕ САКААТ ДА ПЛАЌААТ ЗА ВОДОВОДДел од селата во битолско сѐ уште користат вода од селски водоводи, а за да ги преземе и одржува ЈП „Водовод“ од Битола треба согласност од жителите на селата дека ќе плаќаат за вода.(ФотоЧ СДК.МК)

    Село Бистрица на четири километри од Битола деновиве е без вода. На социјалните мрежи жители со иронија коментираат дека ова не е баш битолски проблем, ама бидејќи и тие од село гласале на избори, бараат решение. Надлежните за САКАМДАКАЖАМ.МК објаснуваат дека дел од селата во битолско сѐ уште користат вода од селски водоводи, а за да ги преземат и одржуваат треба согласност од жителите на селата дека ќе плаќаат за вода.

    „Искрено, баш ми е гајле за Офицерски дом, за стадионот, за обиколницата кога во 21. век дома вода нема“, коментира битолчанка што живее во Бистрица.

    На фејсбук групата Битолски проблеми, друг жител од селото појаснува дека Бистрица зема вода од сопствен водовод од Бистричка Река изграден пред 45 години.

    „Водоводот е направен во 1974 и оттогаш не е ништо финансирано. Пиеме хемиски и физички неисправна вода. На есен и на зима цевките се полнат со лисја и нема вода, а преку лето нема доволно вода оти не се поставени водомери и жителите наводнуваат од системот. Водата не се плаќа. Секој кој ќе стигне гиба во шахтите“, пишува жител од Бистрица.

    Од Јавното претпријатие „Водовод“ велат дека немаат обврска да го одржуваат водоводот во село Бистрица и околниот регион, бидејќи водоснабдителните објекти жителите не им ги имаат предадено на користење. Сепак, при дефекти им помагаат.

    „Ние стоиме на располагање ако има волја од жителите да ги предадат водоводите на Општина Битола, да ги преземе ‘Водовод’ да ги стопанисува и да наплаќа вода. Сме расположени да направиме состанок со сите, да изработиме елаборати и да изнајдеме решение. Но, за да се случи ова треба 50 проценти плус уште од едно лице согласност од месното население дека прифајќаат водата која ќе биде испорачана и мерена на водомер да се плаќа“, рече Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

    Тој објаснува дека дел од селата со свои пари или донации пред повеќе години имаат поставено водоводни линии и зафати. Но дел од нив не ги исполнуваат условите и стандардите за да ги прими на одржување водоводното претпријатие.

    „Ние сме подготвени да извршиме ревизија на нивната постоечка водоводна мрежа, да ја исконтролираме, ако нема потреба за инвестирање во секундарна мрежа состојбата ќе биде подобра. Доколку треба, ќе побараме средства од министерствата или други институции. Да се направат водоводите по сите европски стандарди. Во тој случај селата ќе добиваат чиста и технички исправна вода“, додава Козаров.

    Центарот за јавно здравје со години алармира дека водата за пиење во селата со сопствен водовод често пати е загадена, па неопходно е или некој да ги одржува селските водоводи или тие да се приклучат кон градската водоводна мрежа. Во 2017, проблем со загадена вода за пиење имааа над 50 пелагониски села од општините Битола, Новаци, Могила со над 14.000 жители. Според извештајот на Центарот за јавно здравје, тоа се села кои со вода за пиење се снабдуваат од сопствени водоводи кои се запуштени до крајни граници, зашто жителите немаат ангажирано некој да ги одржува. Водоводите не се редовно одржувани и водата не е хлорирана.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира