БИТОЛА 15 ГОДИНИ ЧЕКА ПОВРЗУВАЊЕ СО АВТОПАТ

    БИТОЛА 15 ГОДИНИ ЧЕКА ПОВРЗУВАЊЕ СО АВТОПАТБитолчани за Охрид, Прилеп, Кичево, Могила, Новаци и до грчка граница патуваат по регионални патишта кои се лоши и тесни; - Патот Битола-Ресен. (Фото: СДК.МК)

    Некогаш и авиони се ветуваа за транспорт на туристи до Битола, a градот во 21 век останa без ниедно автопатско поврзување со другите делови од државата. Битолчани за Охрид, Прилеп, Кичево, Могила, Новаци и до грчка граница патуваат по регионални патишта.

    Патот за граничниот премин Mеџитлија не е реконструиран откако е направен и пронижен е со дупки. Патот за Прилеп е двонасочен со две до три ленти. Оној што Битола ја поврзува со Ресен и Охрид пред неколку години беше реконструиран, но без проширување, делови од делницата меѓу Ресен и Охрид се тесни и со кривини, па сообраќајот се одвива бавно. До Кичево патот води низ Демир Хисар и беше рехабилитиран лани после долги години, но во рамките на неговите претходни димензии, без никакви проширувања. И за најблиските општини до Битола, Новаци и Могила водат регионални патишта низ населени места.

    Вечниот проблем на секој туристички работник овде е како брзо и безбедно да се донесат туристите, велат битолчани кои се жалат на лошите патишта кон југозападниот дел на Македонија, Преспанскиот и Охридскиот регион, како и поврзаноста со Скопје – реклама од 1930-тите години на авионската компанија Аеропут од Кралството Југославија со која се рекламира одмор во Охрид со слетување во Битола – (архивска фотографија)

    „Вечниот проблем на секој туристички работник овде е како брзо и безбедно да се донесат туристите на посакуваната дестинација. Ова е проблем што се влечка со децении, пред се’ во централниот и југозападниот дел од земјава. Како лиценциран професионален водич со 10 годишно искуство, можам да потврдам дека единствените критики со кои се соочуваме од страна на туристите се патната инфраструктура и екологијата која е на многу ниско ниво. Додека за вториот проблем постојат многу кампањи и акции, проблемот со прастарите и ужасни патишта продолжува еве веќе трета деценија, пред сè во Охридско-Преспанскиот и Пелагонискиот Регион“, вели Горан Пинза, лиценциран туристички работник.

    Тој додава дека често кај нив, но и кај туристите е присутен и стравот оти нема апсолутно никакви ознаки на патиштата, или поради ширината на коловозот.

    „Во изминатите 15 години, без разлика која партија е на власт, министрите за транспорт и врски беа од Прилеп, а токму патниот правец Градско – Прилеп – Битола е еден од најризичните за патување, со нагласок на Плетвар. Никој уште не се позанимавал со реалните проблеми кои се несфатливи за модерниот свет, а тоа е да им кажеш на туристите дека патен правец од 170 км со автобус се вози за 3 и пол часа“, вели Пинза.

    Таксистите апелираат во иднина Битола да добие автопат или експресни патишта.

    „Потребни се побезбедни, помодерни и побрзи патишта, Можеби патот за Охрид е подобар, ама за Новаци и Могила и а оној за Меџитлија се многу стари. Кога носиме патници од надвор, коментираат дека патната инфраструктура треба да се подобри, но кога ќе ги донесеме тука добрата храна го покрива другиот впечаток“, вели Зоран Николовски, догогодишен таксист.

    Очекувањата на битолчани сега се свртени кон новата власт предводена од СДСМ, која во изборната програма на последните парламентарни избори вети дека ќе изгради автопати во должина од 260 километри, меѓу кои и делницата Велес – Прилеп – Битола. Премиерот Зоран Заев уште во февруари годинава на средба со прилепските стопанственици го отвори прашањето за идејното решение за автопатското решение на делницата Битола-Прилеп-Велес, проект вреден над 600 милиони евра.

    „Имајќи предвид дека источниот дел од државата автопатски е решен, западниот дел се решава со изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој ќе се прошири со делот Кичево-Гостивар, останува да се реши централниот дел, кој не е важен само за Прилеп, туку и за Скопје, Велес, Битола, Ресен и за Охрид“, рече Заев.

    Изградба на автопат беше и едно од клучните ветувања и на ВМРО-ДПМНЕ која не ги доби овие избори. Ветија дека ќе вложат 3,7 милијарди денари во изградба на автопатот Прилеп-Битола и експресен пат до граничен премин Меџитлија. Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица Игор Дурловски, инаку битолчанец, на вести на телевизија во живо најавувајќи дека ќе изградат автопат за Битола се збуни и не знаеше да ги каже дестинациите низ кои ќе минува.

    Во составот на новата Влада го нема досегашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, кој е прилепчанец. За време на неговиот мандат, во јуни годинава најави дека најбрзо што е можно ќе почне рехабилитација на постоечкиот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија, а кон крајот на јули или почетокот на август ќе заврши и проектирањето на обиколница со експресен пат од Битола за грчка граница. Рехабилитацијата на постоечкиот пат Битола- Меџитлија во должина од 13 километри ќе се финансира со 2 милиони евра средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).  Тој рече и дека како проектната задача на Градежниот факултет веќе се работи автопатот од Прилеп до Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира