БИТОЛА ДЕСЕТ ГОДИНИ ЧЕКА ПОКРИЕН БАЗЕН, СЕ ПРАВИ ПРОЕКТ

    БИТОЛА ДЕСЕТ ГОДИНИ ЧЕКА ПОКРИЕН БАЗЕН, СЕ ПРАВИ ПРОЕКТЛокалната власт најави дека летово базен со димензии 25 на 10 метри ќе почне да се гради во дворот на основното училиште „Даме Груев“ во Битола, како донација на Владата и Агенцијата за млади и спорт. (Фото: СДК.МК)

    Изградба на покриен базен во Битола е дамнешна желба на битолчани, но и дежурно ветување пред секои избори. Осум години со ред покриен базен со олимписки димензии ветуваше ВМРО-ДПМНЕ, покажуваше локации, набројуваше инвеститори од Австралија, но не го изгради. Деновиве, сегашната власт на чело со СДСМ вети дека летово ќе почне да се гради во дворот на Основното училиште „Даме Груев“ во Битола и дека во тек е изработка на проект.

    „Функционален дел на базениот ќе биде 25 на 10 метри. Тоа ќе биде донација на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Предност ќе имаат основните и средните училишта од нашиот град, а во подоцнежните попладневни часови можност за користење ќе имаат и граѓаните на Битола“, рече Менде Илиевски, координатор на советниците од СДСМ од Битола.

    За разлика од сегашната власт која со државни пари ќе го гради базентот, претходната бараше инвеститор за јавно-приватно партнерство. Ексградоначалникот Владимир Талески во 2013 ветуваше дека ќе се направи и вотерленд, односно забавен парк на вода, но на двата јавни огласи не се пријави ни еден заинтересиран инвеститор. По три години Антонио Милошоски, носител на кандидатската листа на колицијата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2016, ветуваше изградба на еден голем спортски центар во кој ќе има затворен базен со ватерполо димензии 25 метри ширина и 53 метри должина.

    И покрај ветувањата пред избори, Битола до денес остана само со два отворени базени кои работат преку лето. Дел од учениците кои тренираат пливање во остатокот од годината мора да патуваат до Птолемаида, Грција.

    Гардоначалничката Наташа Петровска на прашањето дали во Битола конечно ќе се изгради базен, кој сега се предвидува на друга локација и со помали димензии рече: „За град кој што нема апсолутно никакви можности за рекреација на младите, особено на учениците мислам дека е нешто на што треба да му се радуваме и секогаш има можност да се подобри варијантата“.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари