БИТОЛА ИМА МАЛКУ ПАДОБРАНЦИ, НО МНОГУ СЕ РОМАНТИЧНИ

    БИТОЛА ИМА МАЛКУ ПАДОБРАНЦИ, НО МНОГУ СЕ РОМАНТИЧНИНиколче Героски е единствениот падобранец со важечка дозвола во Битола; - од романтичните свадбени пораки и запросувања на битолските пилоти (Фото: СДК.МК)

    Битола, која во минатото беше расадник на воздухопловци поради долгогодишното  постоењето на аероклубот „Мирко Тодоровски“, денес остана само со еден падобранец со важечка дозвола. Николче Героски е единствениот ваков кадар во Битола, па и околината, може да се каже сѐ до Скопје каде има и други. Тој е еден од дваесетината падобранци во Македонија, намалениот број се должи на ограничените улови за обуки и слабиот интерес.

    „Условите што се пружаат во локалните средини  се ограничени и  затоа отидов под капата на аероклубот во Скопје каде има регистрирана школа за падобранци. И интересот кај луѓето замре, зашто не е присутно падобранството низ дел од градовите. Нашите напори се такви да ги доведеме луѓето на терен за самите да искусат дека тое е еден спорт кој е доста примамлив, специфичен и атрактивен и многу далеку од небезбеден, бидејќи најголемиот страв кај луѓето е токму поради тоа. Но, денес имаме софистицирана опрема која не ја доведува во прашање безбедноста“, вели Героски.

    Со цел падобранството да се врати во Битола, тој на пролет ќе организира падобранска обука за почетници падобранци.

    „Теоретскиот дел ќе го изведеме во Битола. За практичниот, ако е поголем бројот на пријавени битолчани, ќе донесеме авион во Битола и ќе ја направиме обуката на спортскиот аеродром во Логоварди“, рече Героски.

    Овој падобранец на јавноста ѝ е познат по тоа што пред седум години тогашната девојка, а сегашна сопруга, ја побара за жена скокајќи со падобран од 1600 метри. Додека скокаше развиори транспарент „Данче биди ми сопруга“. Овој романтичен настан се случи на спортскиот аеродром во Битола за време на аеросамит, а девојката со солзи во очите, возбудена и изненадена ја прифати понудата за брак.

    Ова не беше првпат понуда за брак да се упати од небо во Битола. Пред пет години, пилотот Благој Петковски од Битола реши куќата на избраничката да ја „бомбардира“ од авион со илјадници цветови од рози. Авионот „цесна 172“ го возеа колеги на Петковски, а леталото се спушти на 50 метри за над куќата на девојката да бидат истурени три вреќи со рози. Се верува дека и порано во Битола имало случаи кога се женеле пилоти, колегите да фрлаат цвеќе на денот на свадбата. Најчесто тоа се случувало кога сватовите ќе ја земале невестата или кај општинската зграда пред регистрација.

    Убавите спомени поврзани со воздухопловните дисциплини и стотици фотографии беа споделени на настанот „Аеро зависници“ во организација на блоговите Битола стари фотографии и Бабам Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира