БИТОЛА ИЗБИРА НАЈСРАМНО ПАРКИРАЊЕ, ОТИ ПОЛИЦИЈАТА НЕ КАЗНУВА

    БИТОЛА ИЗБИРА НАЈСРАМНО ПАРКИРАЊЕ, ОТИ ПОЛИЦИЈАТА НЕ КАЗНУВАНајсрамните паркирања на јавна површина се објавуваат во албумот „Битолски сообраќаен срам“ на фејсбук страницата „Битола на точак“, иницијатива која се залага граѓаните повеќе да користат велосипеди отколку автомобили

    Битолчани фотографираат возачи кои прават сообраќајни прекршоци низ градот и ги објавуваат во албумот „Битолски сообраќаен срам“ на фејсбук страницата „Битола на точак“, иницијатива која се залага граѓаните повеќе да користат велосипеди отколку автомобили.

    Објавени се фотографии од возила паркирани на тротоари, веднаш крај сообраќајни знаци кои укажуваат дека е забрането паркирање и запирање, комбиња запрени на пешачки премини како растовараат стока, коли качени на тротоар иако веднаш до нив има простор за зонско паркирање, улици кои се преблокирани од паркирани возила, па отежнато е движењето на другите учесници во сообраќајот.

    На фотографиите отстранети се регистарските таблички. На фејсбук страницата пишува дека од целиот приложен материјал месечно ќе избираат „најдобар“ срам. Па, апелираат до возачите да внимаваат зашто може токму некој од нив да се најде во албумот. Ваквите чекори „Битола на точак“ презеде поради сѐ поголемата узурпација на јавниот простор во градот.

    „Јавниот простор е наменет за граѓаните, а сѐ повеќе се дизајнира по мерка на колите. Улиците се шират, а тротоарите се скратуваат. Паркинзи се креираат на самите улици од десна страна, се затвора дел од улицата за тоа. Во градот има по три возила на жител или најмалку по две возила на семејство. Општина Битола има околу 21.000 коли, заедно со други моторни возила се 25.000. Во Скопје е друго зашто патуваат и во други општини, а во Битола каде градот е максимум четири километри во пречник, а не одиме секогаш од еден крај до друг, нема потреба од толку возила“, вели Витор Илиев од „Битола на точак“.

    Покрај возачите кои несовесно се паркираат, битолчани ги фотографираат и загадувачите низ градот и нив ги објавуваат на фејсбук страницата на здружението „Геосфера“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира