БИТОЛА ТРЕТ ДЕН НАЈЗАГАДЕНА, НА ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ СО ЈАЈЦА БИЛЕ ИСКРШЕНИ ПРОЗОРЦИ НА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА

    БИТОЛА ТРЕТ ДЕН НАЈЗАГАДЕНА, НА ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ СО ЈАЈЦА БИЛЕ ИСКРШЕНИ ПРОЗОРЦИ НА ОПШТИНСКАТА ЗГРАДАПолицијата утврдила помала материјална штета на општинската зграда откако таа била гаѓана со јајца (Фото: СДК.МК)

    Трет ден по ред, Битола е најзагаден град во земјата со ПМ10 и ПМ 2,5 честички, поради што Општина Битола денеска апелираше до граѓаните да се придржуваат до препораките на Министерствата за животна средина и за здравство во услови кога загадувањето ги надминува граничните вредности. Во изминатите два дена, од Општината соопштија дека среднодневните ПМ 10 честички се искачиле до 171, односно 202 микрограми на метар кубен. Тоа е за околу четири пати повеќе од дозволените 50 микрограми на метар кубен дневно.

    Вчера во Битола група граѓани одржа протест за чист воздух и притоа со јајца фрлаа по општинската зграда. По протестот, обезбедувањето на Општината пријавило во полиција дека има оштетувања на стаклата. Направен е увид од СВР Битола и констатирана е помала материјална штета. На една од снимките која кружи на социјалните мрежи се слуша глас како ги укорува другите да не гаѓаат со тврди предмети, туку со јајца. Додека траеја подготовските за протестот, на социјалните мрежи можеа да се прочитаат статуси дека ќе се носат камења и јајца.

    Денеска Општината апелираше да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или кој било друг синтетички материјал.

    Се препорачува да се ограничат движењето и активностите на отворено за најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести), но и за лицата кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира