БИТОЛЧАНЕЦ НА 70 ГОДИНИ ПО ПЕТТИ ПАТ СЕ КАЧИ НА НАЈВИСОКИОТ ВРВ НА АЛПИТЕ

    БИТОЛЧАНЕЦ НА 70 ГОДИНИ ПО ПЕТТИ ПАТ СЕ КАЧИ НА НАЈВИСОКИОТ ВРВ НА АЛПИТЕПланинарите од битолскиот планинарско-спортски клуб „Ѓорѓи Наумов“ на Мон Блан (Фото: СДК:МК)

    Професорот по физичко воспитание во пензија Томе Лозановски е највозрасниот битолчанец кој на 70 години и седум месеци го искачи највисокиот врв на Алпите, Мон Блан (4.810 метри надморска височина). Со ова по петти пат застана на највисокиот врв во Европа. Тој 40 години помина работејќи како наставник во Средното техничко училиште во Битола, а 57 години планинари, па не е чудно што на последната планинска авантура водеше и четворица помлади планинари меѓу кои и една девојка. Сите се членови на Планинарско-спортскиот клуб „Ѓорги Наумов“, каде Лозановски е претседател.

    Од скачувањето на Мон Блан (Фото: СДК.МК)

    „Планинарите немаа ни 30 години и не можев да ги препуштам некој друг да ги води. Морав јас да одам, а и претходно имав дадено збор дека ќе се обидам уште еднаш да го искачам Мон Блан ама после 70-та година. Сѐ што наметнав и работев беше во прилог за да се искачат децата, не толку за мене колку за нив. Оти за нив е посебно доживување. Горе беа пресреќни. Го наметнав темпото да биде поприфатливо за нив инаку јас и побрзо ќе се качев“, раскажува Лозановски.

    Тој вели дека на овој планински врв, според досегашните искуства, подобро се снаоѓаат повозрасните и поискусни планинари. Додава дека тие полесно се прилагодуваат на пореткиот воздух зашто на поголеми висини недостасува кислород, понатаму на висина од 3.800 метри каде вообичаено планинарите преспиваат, може да се појават проблеми со несоница, главоболка, повраќање. Кај повозрасните тоа не е толку многу изразено, па можат да им помогнат на помладите.

    Првиот ден од почетната станица до 1.300 метри надморска височина се искачиле со воз. Потоа тргнале пеш. Без проблем го поминале и таканаречениот Колуар на смртта, најопасниот дел за минување каде се случуваат најмногу несреќи. По него следувал стрмен и карпест терен до 3.800 метри височина што се искачува со сајли. Откако се искачиле на 3.800 преспале, а другиот ден продолжиле до врвот на 4.810 метри. Дел од патот го поминале во врнежи од дожд и снег, па било многу лизгаво, а подоцна времето се разведрило.

    „Горе на врвот што ќе видите зависи од времето. Овој пат можеше да се види дел од околината, други врвови и облаци под Мон Блан. Некогаш само облаците се под вас, а некогаш има прекрасен видик околу. Минатиот пат имавме ретка можност под нас авион да помине кој леташе на редовна линија и одгоре го фотографиравме“, рече Лозановски.

    Младите планинари со претседателот на спортскиот кулуб, кој е највозрасниот битолчанец кој се искачил на врвот (Фото: СДК.МК)

    Освен Мон Блан ги искачил и врвовите Елбрус на Кавказ, Дамавенд во Иран, Монтероса меѓу Италија и Швајцарија, скоро сите планини во поранешна Југославија, од Триглав па до пониските. Секоја година неколку пати се искачува на Олимп во Грција, Мусала во Бугарија и на други планини и врвови, учествува на планинарските маршеви.

    Планинарско-спортскиот клуб „Ѓорги Наумов“ каде е претседател бил формирано во шеесетите години од минатиот век од вработени во фабриката за фрижидери во Битола. Подоцна кога оваа фабрика позната по производството на квалитетна бела техника отишла во стечај, друштвото го презеле вљубеници во планинарање од средното техничко училиште.

    ПСК „Ѓорги Наумов“ се обидува што повеќе млади лица да задои со поривот на планинарењето. Неодамна имаше организирано и бесплатен планинарски курс за средношколци во планинарскиот дом кој го одржуваат на Баба Планина, Неолица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари