65-годишен битолчанец кој претходно престојувал со сопругата во Занзибар, Африка, со позитивен тест на коронавирус од понеделникот е хоспитализиран во струшката болница за Нефрологија.
„Инсистиравме да биде однесен во болницата ‘8 Септември’ во Скопје, но ни одговорија дека немаат место. Сè уште не се јавени за прифаќање на пациентот. И денес ќе пратам порака. Не можеме да го оставиме без лекарска грижа“, вели директорот на Специјализираната болница за нефрологија – Струга, д-р Александар Попоски.
Два дена пред да се вратат со сопругата од Занзибар, пројавиле симптоми на ковид-19. Мажот е хоспитализиран во болницата за нефрологија во Струга со бубрежни оштетувања, а сопругата била хоспитализирана во Скопје.
„Пациентот е примен понеделникот навечер. Немавме информација каде престојувал претходно кога го примивме. Колешката од Битола нè извести дека е ковид позитивен и дека вредностите на бубрежните оштетувања му се високи. Нè известија дека во Скопје немало место, не го примале и одлучивме да го примиме“, вели Попоски.
Од струшката болница велат дека ќе се испратат материјали за утврдување на сојот на вирусот.
„Утре ќе испратиме материјали во МАНУ да направат типизација да се види дали се работи за јужноафриканскиот сој. За ден-два ќе знаеме. Пациентот во моментов е стабилен, засега е без дијализа но ќе ја следиме неговата состојба“, вели Попоски.
Пациентот е изолиран во посебна болничка соба. Половината од медицинскиот персонал од вкупно 210, го имаат прележано коронавирусот. Околу 20-тина чекаат да бидат повикани за да ја примат вакцината „Фајзер“.
С. ВРЕНЦОВСКА