Битолчанецот Панде Матевски (1914-1944) бил единствениот Македонец за кого се знае дека загинал во десантот во Нормандија во Втората светска војна. Денеска Европа одбележува 75 години од Денот Д, како што во историјата е позната битката во Нормандија (6 јуни – 21 август 1944), најголемата воената инвазија во историјата на човештвото со истоварување на сојузничките сили преку каналот Ла Манш во окупирана Франција. Една од клучните битки која доведе до капитуалција на Третиот Рајх во фашистичка Германија девет месеци подоцна. Над 10.000 војници загинаа во десантот.
„Матевски заедно со таткото и браќата го напуштиле родното огниште поради честите воени конфликти што се случувале на Балканот во првите децении од минатиот век. Заминале во далечна Америка, но и преку океанот не ѝ избегале на мобилизацијата“, вели битолчанката Силвана Петрова-Насух, сценарист во документарецот „Војникот Рајан од Битола“. Филмот за американскиот подофицер од Битола беше снимен пред пет години по повод 70-годишнината од десантот, според теренското истражување на Асоцијација на агенции за локална демократија – АЛДА од Скопје. До денес остана единствениот видеоматеријал кој зборува за тажната животна приказна на Матевски.
На таканаречениот Ден Д на плажите во Нормандија биле истоварени 1.213 воени бродови, 736 бродови со помош, 864 карго бродови и 4.126 десантски бродови. Од нив биле истоварени 20.000 возила и 156.000 воници од американската, британската и канадската армија. Имало 10.000 авиони и биле истоварени над 7.000 падобранци припадници.
До пред пет години, ретко кој битолчанец знаеше повеќе детали околу животот на овој битолски печалбар и војник во Америка. Само неговата гробницата подигната на Буковските гробишта, инаку единствена во Битола, и лимениот сандак во неа сведочеа дека загинал на фронтот на 30 години. На надгробната плоча врежан е натписот „паднал убиен во десантот во Нормандија како американски подофицер во јули 1944 година“.
Според документарецот, таткото Коста Матевски бил чевлар и имал дуќан во старата битолска чаршија, а мајката Фотина била домаќинка. Имале шест деца, од кои четири синови и две ќерки. Таткото бегајќи од сиромаштијата, како и од војните, заминал со синовите во Америка. Таму пак, во американската војска биле мобилизирани Панде и неговиот постар брат Петар. Според военото досие, кое го обезбеди АЛДА од САД, Панде живеел во Чикаго, Илиноис. Бил мобилизиран на самиот почеток на војната и заведен под името Панта Матевиќ, како што му гласеле документите зашто во тоа време Вардарскиот дел на Македонија бил под српска власт. Во досието пишува дека бил работник за механичка обработка на метал, а во војската успеал да напредува до подофицер.
Се знае дека бил учесник во десантот од самиот почеток, заедно со постариот брат Петар. Тие биле меѓу 156.000 сојузнички војници истоварени во Нормандија, дел со воени бродови, дел со падобрани. Панде преживеал месец дена на фронтот, а потоа загинал во крвавите битки. Брат му Петар бил тешко ранет, но сепак го преживеал десантот. Тој заедно со посмртните останки од Панде се вратил во Илиноис, Чикаго и го погребал.
Веста за загинувањето на синот ја потресла мајката Фотина, која живеела во Македонија. За нејзиното патешествие, на членови на АЛДА им раскажала Нада Матевска, снаа за најмалиот брат на Панде, Анастас, која живее во Скопје.
„Како снаа живеев во заедница со свекрвата. Кога се омажив Панде беше починат и не го запознав. Но, ја запознав тагата на мајката. Таа имаше отпатувано дури во Чикаго и со помош на другите два сина кои живееја таму, успеа од американските власти да добие дозвола и телото на починатиот син да го откопа и пренесе во Македонија. Го донесе во родното место, но и блиску до неа“, им раскажала Нада Матевска.
Во родната Битола покојното чедо го донесла во лимен сандак во брод преку океанот. Таквата постапка била многу скапа, но браќата не штеделе пари. Посмртните останки биле пренесени во 1950те години и закопани во гробницата во Битола. По ваквото страдање мајката Фотина оставила аманет кога ќе ги затвори очите да ја погребаат покрај синот. Денес почива во гробницата на синот.
Семејството денес нема живи потомци во Битола. Браќата и сестрите на Панде се починати, а нивните деца и внуци се во Америка, Австралија, Скопје и Гостивар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА