БИТОЛЧАНИ БЕГААТ НА СОНЦЕ И ЧИСТ ВОЗДУХ НА ОКОЛНИТЕ ПЛАНИНИ ДОДЕКА ГРАДОТ СЕ ДАВИ ВО МАГЛА

    БИТОЛЧАНИ БЕГААТ НА СОНЦЕ И ЧИСТ ВОЗДУХ НА ОКОЛНИТЕ ПЛАНИНИ ДОДЕКА ГРАДОТ СЕ ДАВИ ВО МАГЛАБитола со денови е покриена со магла, но мерните станици не покажуваат изразена загаденост (Фото В. Крбалески)

    Кај планинарскиот дом „Неолица“ на Баба Планина, на надморска височина од 1.440 метри, пука сонце како среде пролет, додека битолската котлина со денови е приклештена во магла. Растојанието е само десетина километри, а како да се два различни света. И овој декември, Битола е погодена од температурната инверзија, па на Баба и Пелистер е сончево, а студениот воздух е поместен во котлината.

    „На Неолица не ја меревме температурата, но сигурно беше околу 15 степени. Се седеше и по кратки ракави, немаше ветер и беше прекрасно, за разлика од Битола, каде има магла“, вели планинарот Влатко Крбалески.

    Битолчани кои немаат обврски деновиве, а посебно во викендот, избегаа од магливиот и студен град, барајќи сонце и чист воздух по околните планини.

    Маглата ја намали видливоста, а не дозволува ни проветрување на воздухот. Мерните станици овие денови, сепак, не покажуваат покачени вредности. Последните надминувања со ПМ10 честички беа забележани од мерните станици на 16 и 17 декември. Иако е дозволено 35 дена во годината да има вредности над дозволените количини на суспендирана прашина, мерната станица „Битола 2“ веќе има измерено 83 денови.

    Министерот за животна средина Насер Нуредини вчера изјави дека комплетно се заменети мерните инструменти во станицата „Битола 1“ и дополнително е опремена со инструмент за мерење на ПМ2,5 честички.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира