БИТОЛЧАНИ ИЗРАБОТИЈА СКУЛПТУРИ ОД ЃУБРЕ СОБРАНО ВО АКЦИИТЕ „МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“

    БИТОЛЧАНИ ИЗРАБОТИЈА СКУЛПТУРИ ОД ЃУБРЕ СОБРАНО ВО АКЦИИТЕ „МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“Девојка направена од ѓубре претставува секого од нас, велат од иницијативата „Мети си со Класнето“ (Фото: СДК.МК)

    „Ова не е чудовиште, ова е секој од нас“, вели Класнето за скулптурата на девојка изработена од ѓубре.

    Таа е дел од изработките од смет кои ќе бидат изложени вечерва во Центарот за култура во Битола, како дел од герила акцијата „Свеста е луксуз“.

    „Оваа скулптура е секое дете, тинејџер, родител, баба, дедо, човек, нечовек… Ова е секој кој смета дека во оваа наша убавина од Господ дадена и наречена Пелистер треба да оди да се изнаужива, нагости и да остави ѓубре. Секој вљубеник во спортот кој живее за да оди на натпревар и остава рид од исплукани семки пред себе. Ова е секој ученик на кој ‘случајно’ му паѓа шишето за време на одмор и го остава на земја некој друг да го мисли. Или пак под клупа. Ова е секој родител кој не реагира кога детето ќе фрли нешто на земја. Ова е секој заљубен пар кој на своите прошетки низ паркот смета дека грмушката е корпа и дека саксиите за цвеќиња се пепелници. Ова е секој пушач кој мисли дека токму за неговите отпушоци има еден вработен во комунално претпријатие“, вели Марија Магдалена Петковска Микаровска, позната по иницијативата „Мети си со Класнето“.

    Делата вечерва ќе бидат поставени во холот на Центарот за култура (Фото: СДК.МК)

    На конкурсот се пријавија дури 400 ученици и други граѓани кои изработија скулптури од стара харија, ќеси, тапи, отпушоци од цигари, пластични шишиња и друго ѓубре собрано во акциите за чистење на градот на иницијативата „Мети си со Класенето“. Овие необични скулптури вечерва ќе бидат поставени на симболичниот „Плоштад иднина“ во холот на Центарот за култура, каде во големата сала ќе се одржува Новогодишниот џез концерт со почеток од 20 часот.

    Изненадуваат идеите на авторите, кои од смет направија и Дедо Мраз со симболична порака да проработи свеста за почиста животна средина и идната година да влеземе со почисти мисли.

    Изложбата ќе патува низ повеќе училишта низ земјава, со цел да ги инспирира младите да ја чуваат животната средина чиста.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира