БИТОЛЧАНИ ПУШТИЈА БРОД ВО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО ПО ДВЕ ГОДИНИ ГРАДЕЊЕ

    БИТОЛЧАНИ ПУШТИЈА БРОД ВО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО ПО ДВЕ ГОДИНИ ГРАДЕЊЕБродот „Теодора“ е првиот кој за рекреативни цели ќе крстари низ Преспанското Езеро по пауза од шест години (Фото: СДК.МК)

    Со кршење шише шампањско од палубата за среќна пловидба, бродот „Теодора“ вчера за првпат заплови низ водите на Преспанското Езеро. Ова е првиот брод кој за рекреативни цели ќе крстари низ езерото по пауза од шест години, со исклуок на бродот од станицата за мерење на квалитетот на водата во Стење. Услови за ваква пловидба се создадоа откако Општина Ресен постави две понтонски пристаништа изминатите години во Преспа. Претходно беше тешко да се управува брод зашто недостигаше марина.

    Долг е 13,60 метри и широк 3,70 метри, развива брзина од 30 километри на час и има носивост од 12 лица (Фото: СДК.МК)

    Бродот „Теодора“ го изгради битолчанецот Томе Димитриевски со помош на асистенот Раде Николовски – Цапе. Двајцата имаат познавања од многу занаети, а пред се од наутиката. Бродот го градеа две години во гаража во Битола. Викендов со помош на трактор и специјална приколка го донесоа до Претор, од каде го пуштија во езерските води. Долг е 13,60 метри и широк 3,70 метри, развива брзина од 30 километри на час и има носивост од 12 лица.

    Бродот „Теодора“ го изгради битолчанецот Томе Димитриевски (во средина) со помош на асистенот Раде Николовски – Цапе (Фото: СДК.МК)

    „Мотивацијата дојде од моето семејство. Сите членови сме љубители на наутиката. Посебно моите деца настојуваа, ќерката која има 19 години и по чие име е и наречен бродот, како и синот кој наполни 14 години. Мерак им е. Можат да се возат и други, но не наплаќаме. Не го правевме за заработка, туку за сопствени потреби“, вели сопственикот и градителот на бродот Димитриевски.

    Неговиот асистент Раде Николовски – Цапе вели дека бродот е изграден по сите стандарди. Составен е од посебен челик за вода, а долу има комора од безвоздушен простор која се состои од 17 метри кубни стиропор.
    „Сѐ направивме со нашите четири раце и за нас ова е ремек дело. Процесот беше тежок и макотрпен. Најтешко беше да го донесеме до совршенство клунот и конструкцијата на бродот“, вели Николовски.

    Сопственикот Димитриевски бродот го изградил со сопствени средства. Ова е негов четврт брод. Другите три се продадени, едниот плови низ Охридското, а другиот низ Тиквешкото Езеро.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари