БИТОЛЧАНИ СЕ ЗАВИСНИЦИ ОД ИЗМАМНИЧКИТЕ ФИНТИ НА СОЊА НИКОЛОВСКА ОД ТАТ

    БИТОЛЧАНИ СЕ ЗАВИСНИЦИ ОД ИЗМАМНИЧКИТЕ ФИНТИ НА СОЊА НИКОЛОВСКА ОД ТАТСоња Николовска по аферата ТАТ во 1997, во која 13.000 штедачи ги загубија своите влогови од 60 милиони евра, а таа одлежа затвор три и пол години, во 2006 со измама на битолчани пак им зела 615.000 евра, за што од завчера служи затвроска казна од 8 години; - од протестите на штедачите од ТАТ (Фото колаж: СДК.МК)

    Со документ на кого пишувало дека е сопственик на сметка од 500.000 евра во банка во Кипар, поранешната сопственичка на пропаднатата пирамидална штедилница ТАТ, Соња Николовска, минатата година се обидела да измами повеќемина битолчани. Таа од завчера е на издржување затворска казна во Идризово за измама на битолчани на кои им зела неверојатни 615.000 евра, лажејќи ги дека ќе ја рестартира некогашната свиларница „Илинден“ во Битола и ќе им го врати влогот. Откако се решири веста дека е во затвор и други битолчани проговорија дека се обидела да ги повлече во својата стапица.

    „Пред една година кога се сретнавме ми покажа документ во чиј десен агол пишуваше некоја банка од Кипар, генералии на Соња и некакви печати. Ми падна в очи дека документот беше многу пати фотокопиран. На него пишуваше дека внесувала кеш пари по 10, 50, 60.000 евра. Ми рече  ‘ова се мои пари, што да направиме некој да оди да ги извади парите од банката во Кипар? “, раскажува познаничка на Соња.

    По оваа средба, следувала друга на која Николовска ѝ барала пари на заем ветувајќи ѝ дека ќе ѝ ги врати со камата од парите во Кипар.

    „Не ѝ поверував, иако кога зборува за пари знае да биде доста убедлива“, вели битолчанката.

    Во обидот да дознаеме кој бранител ја застапуваше Николовска во текот на судските рочишта, познати битолски адвокатски имиња ни рекоа дека ја отпишале зашто не плаќала; – од минатите протести на штедачите во ТАТ (Фото: СДК.МК)

    За измамите битолчани коментираат дека има два феномена, едниот Николовска, а другиот наивните битолчани кои сѐ уште ѝ веруваат, иако се смета дека над 100 измамени штедачи се самоубиле откако во 1997 година ги загубија влоговите во пропаднатата штедилница ТАТ.

    „Трагикомично тоа што Николовска и по аферата ТАТ, во која 13.000 штедачи ги загубија своите влогови од 60 милиони евра, а таа легна в затвор три и пол години, по излегување пак се обиде да мами. Но, уште повеќе сум изненаден од битолчани кои видоа какво патешествие минаа штедачите губејќи огромни влогови, заштеди од долгогодишно работење во странство, некои си го одзедоа и животот, а овие си дозволуваат пак да ги измами“, вели Миле Стојановски, еден од измамените штедачи во ТАТ.

    Николовска сега во Идризово излежува затворска казна од осум години за измама на четворица битолчани во периодот од 2005 до 2006 година на кои им зела 615.000 евра. Им ветила дека ќе ја рестартира свиларницата во Битола и ќе им ги врати заробените пари од ТАТ. Им раскажала приказна дека пронашла израелски инвеститор и дека во фабриката ќе им ги вработи роднините. Најмногу настрадал В.Ч. од битолското село Кравари. Од него и неговата сестра зела 350.000 евра.

    Велејќи дека судот во Стразбур ѝ ги вратил имотот и златото, позајмила пари и од А.Ф., кој во седум наврати ѝ дал вкупно 250.000 евра. Му ветила дека откако ќе го продаде имотот, ќе им ги врати парите. Зела заем од 12.000 евра и од друг битолчанец. Го измамила и сопствениот братучед, кој ѝ дал две илјади евра, а потоа уште сто.

    Во обидот да дознаеме кој бранител ја застапуваше Николовска во текот на судските рочишта, познати битолски адвокатски имиња ни рекоа дека  ја отпишале зашто не плаќала.

    За разлика од наивните кои ги наседна Николовска, има битолчани кои по ТАТ отидоа во друга крајност. Немајќи доверба во банките, заштедите ги чуваат под перница. И од нив многумина останаа без пари, зашто во изминатите години имаше голем број кражби во приватни станови и куќи, каде пари се украдоа од плакари, спални соби, кутии за кафе, дупки направени во паркет и слично.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира