БИТОЛЧАНИ ЗАРАБОТУВААТ ИЗНАЈМУВАЈЌИ ИМ СТАНОВИ НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ

    БИТОЛЧАНИ ЗАРАБОТУВААТ ИЗНАЈМУВАЈЌИ ИМ СТАНОВИ НА ИСЕЛЕНИЦИТЕНаемнината за становите во центарот на Битола се движи од 300 до 400 евра, што е два до три пати повеќе отколку просечната кирија во останатите периоди од годината (Фото: СДК.МК)

    Некогаш градеа куќи палати низ битолските населби, купуваа комотни станови и ги уредуваа, а последните лета тренд е македонските иселеници кои доаѓаат на посета во Битола да изнајмуваат станови во централното градско јадро. Дел од битолчани ова лето заработија по една или две солидни плати изнајмувајќи им цели станови на странците кои на одмор дојдоа со семејствата.

    Наемнината за становите во центарот на Битола се движи од 300 до 400 евра, што е два до три пати повеќе отколку просечната кирија во останатите периоди од годината. Нема точна евиденција колку станови беа изнајмени летово. Но, се проценува дека Битола ја посетија над 3.000 иселеници, од кои околу 800 беа сместени во изнајмени станови.

    „Во последно време, опаднат е интересот кај Македонците кои се иселени во странските држави да купуваат станови овде. Тие сега изнајмуваат веќе наместени станови, со барање тие да се во центраот на градот, во близина да им е Широк Сокак и ресторани каде ќе можат да се хранат. Најчесто се бараат двособни или трособни станови, а становите кои ги купиле пред повеќе години во поодалечени населби или пак куќите што ги изградиле, ги продаваат“, вели Соња Николовска, агент за недвижнини.

    Изнајмувачите бараат становите да имаат клима уред, Интернет, модерни телевизори, кабловска и ред други кујнски апарати. Становите се резервирани од претходно преку посредници во Битола, а годинава имаше вистинска навалица. Некои битолски семејства времено на месец или два ги напуштија своите станови, па се потсобраа кај роднини или отидоа на село, а становите им ги изнајмија на гостите дојдени од странство. Други битолчани кои наследија имот од роднини, уште пред летото ги реновираа за да можат да ги изнајмат.

    „Вака покомотно дишеме и ние што сме им роднини, бидејќи порано се случуваше да отседнат кај вујни, стрини, братучеди, за секого беше тесно, сега доаѓаат како туристи“, велат некои битолчани.

    Најголемиот дел од иселениците кои одморот го минуваат во родниот крај не се пријавени како туристи. Ако не се во хотели, мотели и други категоризирани места за сместување, не плаќаат туристичка такса. Затоа и не се знае точната бројка на туристи кои летово биле во Битола.

    Според податоците на Заводот за статистика, во јуни годинава во Битола имало 2.571 странски туристи, а 988 домашни, регистрирани се 6.670 ноќевања. Слична е статистиката и за летните месеци минатата година. Но, бројот на туристи бележи нагорен тренд ако се спореди со јули 2011, кога имало за половина помалку туристи од годинава, а исто така и ноќевања.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира