Актуелното раководство на Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола го затвори галерискиот простор кој преку кружен отвор ги поврзуваше катовите меѓу себе во целина и беше долгогодишен и авнтентичен белег на ентериерот во установата.
Галеријата беше дел од таванот почнувајќи од првиот кат и преку неа можеше да се добие видик од погорните катови. Воедно содржеше и стар лустер и изложбената поставка која ја раскажуваше библиотечната историја. Се работеше за изложбата „Од читалиште до библиотека“ од 2010, кога библиотекаta прослави 65 години од своето основање и 150 години од првото читалиште во Битола. Галеријата со материјалите и боите во бели и кафени тонови беше усогласена со останатите делови од внатрешноста на катот.
Со новото ентериерно решение, кое засега не е изведено целосно, затворен е отворот кон погорните катови и поставен е кружен елемент во темно сина боја.
Директорката на библиотеката Емилија Стефановска-Давкова во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК објасни дека се работи за промена на дел од ентериерот со цел библиотеката да добие поубав изглед и да привлече повеќе туристи. Таа рече дека во моментов можеби поставениот свод не изгледа атрактивно, но со изведбата на целиот проект ќе добие убав изглед. Планирано е под сводот да се стави статуа на патронот на установата, Свети Климент Охридски, просторот ќе се застакли, а внатре ќе има осветлување. Додаде дека со лустерот не можеат да привлечат посетители, па затоа сакаат да подготват понуда која ќе стане дел од туристичките тури во градот, а гостите меѓу другото ќе можат да го посетат и музејот на стари раритетни книги. Таквиот план би можел да донесе повеќе финансиски средства во установата која нема на кој друг начин да заработува освен со издавање и промоции на книги.
На нашето прашање дели ентериерот е под заштита, па треба конзерваторско одобрение, директорката рече дека делот каде била галеријата не е во старата зграда која е заштитена како споменик на културата.
Галерискиот простор беше сместен од новиот објект изграден пред повеќе од четири децении и припоен кон старата зграда која датира од крајот на 19 век. Од библиотеката велат дека за скоро ќе има свечена промоција на новото ентериерно решение кога на виделина ќе излезе целиот проект.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



