БИТОЛСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА МОНОДРАМА СЛАВИ 20 ГОДИНИ, СО ПОМАЛКУ ПАРИ ОД ЛАНИ

    БИТОЛСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА МОНОДРАМА СЛАВИ 20 ГОДИНИ, СО ПОМАЛКУ ПАРИ ОД ЛАНИФестивалот на монодрама во Битола го организира Центарот за култура, а од побараните 2,5 милиони денари од Министерството за култура добиле 400.000; - директорот Зоран Димовски (лево) и селекторот Петар Мирчевски (Фото: СДК.МК)

    „Ние немаме проблеми со пари, немаме пари“, рече шеговито, во свој препознатлив стил актерот Петар Мирчевски, селектор на Фестивалот на монодрама во Битола. Фестивалот, единствен од ваков вид во земјава, годинава од 11 до 15 мај ќе го слави дваесетото јубилејно издание со помалку пари од лани. Организаторот, Центарот за култура од Битола, побара 2,5 милиони денари од Министерството за култура со цел да ја збогати роденденската програма, но им беа одобрени 400.000 денари. Тоа е за третина помалку од минатогодишната финансиска поддршка. За Фестивалот 100.000 денари издвои и Општина Битола, а од приватниот сектор фабриката „Кромберг и Шуберт“ 20.000 денари.

    „За сите фестивали кои ги планираме се намалени драстично средствата од Министерството за култура. Како ќе истераме ќе видиме, секако со проблеми“, рече Зоран Димовски, директор на Центарот за култура.

    Селекторот Мирчевски изјави дека за петте фестивалски денови ќе бидат изведени осум монодрами во конкуренција и тоа од Босна, Азербејџан, САД, Полска, Русија, Бугарија, Хрватска и Македонија. Но, недоволниот буџет го ограничил во изборот на програмата, осносно останале две–три монодрами кои не успеале да ги донесат во Битола.

    „Тешко е со малку средства да се направи еден фестивал. Некои монодрами доаѓаат по наша покана, некои аплицираат сами. Трети пак по допрен глас, оти финансиите се толку мали што јас, за жал, не можам ни да патувам некаде, ни да гледам претстави. Можам во Македонија да гледам претстави, надвор од неа, не. Финансиите не ни дозволуваат да го спроведиме она што го замислуваме. Не можам да создавам еден концепт на фестивал и да создавам врзно ткиво, ако сум финансиски ограничен“, рече Мирчевски.

    Свеченото отворање е во 20 часот в петок во Центарот за култура во Битола со претставата „Фигурае венерис хисториае“, по најновиот текст од Горан Стефановски, во изведба на Народниот театар од Прилеп, а во режија на Наташа Поплавска. Истиот ден ќе има и изложба на фотографот Петар Ставрев со фотогафии од монодрамите во изминатите две децении. На затворањето гостува познатиот хрватски актер Тариќ Филиповиќ со монодрамата „Ќиро Блажевиќ“.

    На програмата е само една македонска монодрама, „Јас, Селма“, приватен проект на авторот и режисер Милош Андоновски и актерката Симона Спировска.

    „За жал, забележувам дека интересот кај актерите е сѐ помал. Годинава има само една монодрама од Македонија. Порано имаше повеќе. Последно, минатата година имавме монодрама од битолски актер и тоа Сашо Димитровски со ‘Лолита’, а годинава нема настап на битолски актер“, рече Мирчевски.

    Од Центарот за култура во соработка со битолски актери аплицирале за пари од ресорното Министерството со цел да изработат монодрама како битолски производ, но биле одбивани и во изминатите години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира