Заклучокот со барањето на Совететот на Општина Битола за измена на локацијата за регионална депонија, претседателката на Советот Габриела Илиевска го испрати до Владата и петте битолски пратеници. Тој беше изгласан едногласно од сите советници по предлог на Иван Чулакоски од Поинаку, на одржаната седница на 12 март, по што го потпиша и градоначалникот Тони Коњановски и беше објавен во Службен весник. Со ова, советниците бараат од Владата регионалната депонија каде во иднина смет ќе депонираат 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион да не биде во рудникот Суводол, Општина Новаци, односно да не биде во близина на Битола.
„Со ваквото барање сакаме да апелираме до Владата и пратениците да направат ревизија на проектот и да најдат друга подгодна локација за изградба на депонијата, бидејќи Битола веќе има еден голем загадувач РЕК Битола, а жителите со своето здравје и живот го плаќаат постоењето на истото“, вели Илиевска во барањето до Владата, обраќајќи се во име на сите членови на Советот и граѓаните на Битола.
Во барањето до пратениците Пеце Милевски, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ, Бисера Костадиновска- Стојчевска од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ, Илиевска вели дека ингеренции за локација и изградба на регионалната депонија има централната власт, а тие како пратеници имаат моќ да ги заштитет своите граѓани.
Во меѓувреме, за 26 март во 18 часот пред Советот на Општина Битола преку Фејсбук е најавен втор протест „против изградба на депонија во Битола“.
„Нека не гинат повеќе невини души. Вчера беше пожарот, а утре ќе биде депонијата. Едното убива веднаш, а другото убива полека, но сигурно. Кренете се битолчани на глас против корумпираното уништување на невини животи“, се вели во објавата.
На првиот протест од 15 март одржан пред Општината, беше истакнато дека не се против регионална депонија, но не во близина на Битола која и онака трпи големо загадување од РЕК и дека немаат доверба во ситемот кој ќе треба да врши контрола.
Од Министерството за животна средина тогаш преку соопштение истакнаа дека одлуката за протестите е неоснована, бидејќи граѓаните на општина Битола не се запознаени доволно со овој проект и дека стои на располгање да се организира дополнителни средби со граѓаните заедно со меѓународните и домашните експерти.
Ж. ЗДРАВКОВСКА