БИТОЛСКИОТ СОВЕТ НЕ ПРИФАТИ ДА ГО ПОДДРЖИ ЖЕНСКИОТ КУГЛАРСКИ КЛУБ „ПЕЛИСТЕР ПИН“ КОЈ ОСВОИ 3 СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО

    БИТОЛСКИОТ СОВЕТ НЕ ПРИФАТИ ДА ГО ПОДДРЖИ ЖЕНСКИОТ КУГЛАРСКИ КЛУБ „ПЕЛИСТЕР ПИН“ КОЈ ОСВОИ 3 СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВООд клубот се двете битолски кугларки кои освоија 3 сребрени медали на Светското првенство во куглање (до 23 години) кое во мај годинава се одржа во Австрија. (Фото: ЖКК)

    Советничкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери во битолскиот Совет гласаа воздржано на предлогот на независната граѓанска иницијатива Поинаку на дневен ред да се стави точка за итна финансиска поддршка на Женскиот кугларски клуб (ЖКК) „Пелистер пин“ од Битола. Токму од овој клуб доаѓаат двете битолски кугларки кои освоија 3 сребрени медали на Светското првенство во куглање (до 23 години) кое во мај годинава се одржа во Австрија.

    Стефанија Алексовска се врати со два сребрени медала во дисциплините тандем микс (освоени заедно со Дарко Јовановски) и тандем жени, Андреа Вељаноска со сребрен медал во тандем жени, а претседател и тренер на клубот е Игор Михајловски, воедно и селектор на Македонската младинска кугларска репрезентација. Заедно со сребрениот медал на Јовановски кој доаѓа од друг кугларски клуб од Битола, станува збор за 4 сребра. Нивното постигнување се смета за најзначаен кугларски успех на државно ниво во последните 12 години.

    „Браме итна финансиска поддршка од Општина Битола за тројцата наши битолски херои како стимул за нивната работа и пожртвуваност. Итна финансиска интервенција од Општина Битола на женскиот кугларски клуб ‘Пелистер пин’. Зголемување на средствата за поттикнување на женскиот спорт и конечно ставање во програмата за женски спорт на ЖКК ‘Пелистер Пин’ – Битола. Почитување на постигнатите резултати и вреднување на истите при распределбата на средства за наредните години“, рече Снежана Василевски, советничка од Поинаку.

    Таа посочи дека на годишно ниво од Општината кон клубот биле префрлени по 100.000 денари за 2024 и 2025 година, за 2026-та само 50.000 денари.

    „Поради блокираната сметка на Кугларската федерација на Македонија и носењето на новиот Закон за спорт, кугларските клубови не добиваат никаква финансиска или друга помош од страна на Федерацијата и Министерството за спорт. Бидејќи ‘Пелистер пин’ имаат уште 4 меѓународни турнири, бараат помош од 300.000 денари преку Советот за да ја завршат успешно 2026 година“, рече Василевски.

    Претседателот на Советот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, во телефонски разговор на нашето прашањето зошто гласаа воздржано, рече дека барањето на клубот прво треба да помине на Комисијата за спорт, а потоа на Советот.

    „Кога барањето поднесено од ЖКК ќе биде поставено како точка на дневен ред на Комисијата за спорт, тоа ќе биде разгледано и соодветно ќе се награди успехот на кугларите. Никогаш немало политика во доделувањето на финансиските средства. Секој кој имал успех бил наградуван. На првата следна седница ќе бидат наградени. Барањето беше испратено во периодот кога за женскиот спорт немаше доволно средства, со ребалансот беа зголемени и ќе бидат соодветно наградени. Ако денес беше донесена одлуката, пак ќе требаше на Комисија да оди за да се каже од каде ќе се обезбедат парите. Ребалансот е донесен и барањето ќе биде разгледано“, рече Бојкоски.

    Претходно до градоначалникот и Советот барање за итна финансиска интеревнција испарати и претседателот на клубот Игор Михајловски. Тој напиша дека доделените средства за 2026 година се навредливи и понижувачки во однос на успесите на клубот. Смета дека средствата за женскиот спорт треба итно да бидат зголемени најмалку за 200%. Нагласи дека две децении се бори да има јасни критериуми и јавно објавена методологија за распределба на парите за поддршка на спортот.

    Вчера, Михајловски на социјалните мрежи објави фотографија од воздржаното гласање и напишпа: „Им се извинувам јавно на моите светски вицешампионки што ги вовлеков во куглањето уште на нивна возраст од 13-14 години наместо да спортуваат ‘вистински спорт’ како фудбалот, кошарката и ракометот. Даа беа успешни во друг спорт, поинаку ќе беа третирани. Но, тогаш длабоко верував дека ако јас не сум имал услови за тренинзи и силен клуб, дека тие ќе имаат сѐ она што мојата генерација го немаше и макотрпно со целосна посветеност работев на тоа, но свеста кај нас тешко се менува. Ни спортски резултати се вреднуваат и разгледуваат, ни околности, ни чувство за развој“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира