Над 3.000 битолски Евреи по депортацијата во Полска само 40 минути поживеале во концентрациониот логор Треблинка, а потоа биле убиени во гасни комори, рече Зоран Ѓоргиев, автор на книгата „Траги на еврејското наследство во Битола“, промовирана денес во некогашното еврејско верско училиште Талмуд Тора во Битола по повод 80-годишнината од депортацијата.
„Во книгата симболично се претставени 11 приказни за битолски еврејски фамилии и три фактографски податоци за синагогата Арагон, верското училиште и пергаменти во спомен на 11 март 1943 кога сите еврејски фамилии беа одведени одовде и транспортирани во Скопскиот монопол. За жал, оттаму во Треблинка. Само 40 минути живееја во Треблинка. Откако беа однесени со вагоните, буквално беа симнувани од вагоните и носени во гасните комори каде првобитно им беше кажано дека ќе се врши само туширање, а се пушташе гасот. Така заврши нивната судбина само по 40 минути живот во Треблинка“, рече Ѓоргиев.
Тој е хроничар на градот, по професија е правник, а посетува магистерски студии на студиската програма Холокауст при Универзитетот во Хаифа, Израел. За да ја напише книгата користеше материјали од Државниот архив- Одделение Битола, Битолскиот катастар, а беше и во контакт со потомците на некои битолски семејства.
Еден од рецензентите на книгата, професорот по литература, истражувач на Битола и публицист Александар Стерјовски на промоцијата евоцираше тажни спомени како очевидец на депортацијата на битолските Евреи кога имал само 10 години.Тој рече дека еврејската поворка до Железничката станица била спроведена од полициската бугарска стража.
„Учеше Еврејче со мене во училиштето. Името му беше Моше. Седеше до мене. Добродушно дете, ќе си подадевме гума, молив. На 11 март две колони одеа за Железничката станица. Едната по Широк Сокак, а другата по денешната улицата ‘4 Ноември’, а јас како дете живеев Чифте Фурни. Последната слика што ја носам за Евреите е од тој ден. Блокирана беше Битола од бугарската војска и полиција, никој не смееше да излези надвор. Но, кога се слушна дека ги кренаа Евреите, малку се олабави и излеговме надвор и ја гледавме групата од Сали Мостот како оди со полициска бугарска стража кон Железничката станица. Меѓу нив и моето другарче кое за последен пат ми мавна“, рече Стерјовски.
Првата книга Ѓоргиев ѝ ја подари на единствената Еврејка која денес живее во Битола, но нема овдешно потекло, туку од Украина е омажена во Битола. На промоцијата настапи и латино пејачката Сара Ароести која живее во САД, но има битолски корени и испеа нејзина песна за Монастир (старото име на Битола).
Ж. ЗДРАВКОВСКА