БИТОЛСКИТЕ СОВЕТНИЦИ СИ РАЗМЕНИЈА ОБВИНУВАЊА ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ И ДОЛГОВИТЕ НА УЧИЛИШТАТА

    БИТОЛСКИТЕ СОВЕТНИЦИ СИ РАЗМЕНИЈА ОБВИНУВАЊА ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ И ДОЛГОВИТЕ НА УЧИЛИШТАТАОд денешната седница на Советот на Општина Битола (Фото: СДК.МК)

    Долговите на битолските училишта и школскиот превоз предизвикаа бурна расправа денес во Советот на Општина Битола. Учениците во претстојната учебна година ќе треба да ги користат линиите на општинскиот линиски превоз, но како што изјави претседателот на Советот, Валентин Груевски со изменет тарифник, по пониски цени од оние што важеа за време на претходната власт. Денес советниците изгласаа дополнување на одлуката за општинскиот линиски превоз и на тарифата која беше донесена во 2010 година и изменета во 2012 година.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека нема никакви измени освен што во одлуките се дефинира терминот патник. Тие побараа локалната власт да им ги рефундира средствата на родителите со учениците кои во второто полугодие останаа без превоз.

    „Ете и сега, постапката за јавна набавка е во тек, крајниот рок за поднесување на понуди е на 30 август, кога ќе заврши? И дали не сум во право дека од први септември повторно ќе имаме ученици кои ќе ја започнат учебната година без законски загарантирано право за бесплатен ученички превоз“, праша Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од советничкото мнозинство рекоа дека долговите во образованието се наследени, а нивните обиди да ги решат иако опозицијата ги дочекува на нож ќе продолжат и понатаму.

    „Жално кога ќе погледнеме каква состојба во школите оставивте. За превозот во 2017 година долгот бил околу еден милион евра. Оставивте осум основни и две средни училишта со блокирани сметки. Овој проблем беше наследен, а вие во тој период велевте ’ќутете и терајте‘. Се обидуваме да менуваме нешто и се надеваме дека ќе доведе до конкретни резултати. Овој патник ќе се разликува од оној ваш патник по цената што ќе треба да ја плаќа. Овој патник ќе плаќа 60 или 80 денари, а вашите патници плаќаа за 2 или 3 километри 300 или 400 денари“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.

    Емилија Костурска, советник од СДСМ, рече дека за првпат тендер за училиштен превоз се распишува во јули, а претходно тоа се правело во октомври. Таа рече дека на границите на пристојноста е ВМРО-ДПМНЕ да критикува на оваа тема зашто школите ги потона во долгови.

    „Вода во училиштето ’Таки Даскалот‘ не е платена од 2008 година. Истото училиште, при промена на власта во 2006 година, беше оставено со салдо од плус стотина илјади евра, за да сега, во 2017 го донесете до минус деветстотини илјади евра! Милион разлика за една образовна институција е голема работа“, обвини Костурска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира