Политичката кавга за што да се искористат одобрените европските пари од проектот „Смарт фор ју ту“ стигна дури со Основното јавно обвинителство во Битола. Советничката група на СДСМ денеска поднесе пријава против градоначалникот на Битола Тони Коњановски и секретарот на Општината Борче Димитровски, дека потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на општинскиот Совет.
Веќе со месеци траат кавгите меѓу советничките групи дали парите од европскиот проект да се искористат како што беше првично одобрено за реконструкција објектот „Парк“ кој се наоѓа во дворот на Офицерскиот дом и сега е руина, а треба да прерасне во центар за туризам или пак, како што побара локалната власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ, за изградба на велосипедски патеки.
„Коњановски и Димитровски најверојатно паради недостаток на реални проекти за градот, тргнале да прикажат пред ЕУ дека имаат овластување за пренамена на веќе обезбедените европски пари за реконструкција на објектот Парк за замислени велосипедски патеки, само и само да стигнат по секоја цена до пари кои не ги добија на располагање со последниот ребаланс на буџетот, оти во тој момент немаа никаков реален проект. Ова го сториле без претходно да обезбедат одлука од Советот на Општина Битола како што е предвидено во Законот за локална самоуправа, а Коњановски во текот на месец јули оваа година отишол и чекор понатаму и за оваа правна лакрдија склучил во име на Општина Битола Анекс кон Основниот договор“, обвини советничката Мирјана Ралевска-Захариевска.
Од советничката група на СДСМ рекоа дека не се против изградба на велосипедски патеки, но сметаат дека за нив Општината треба да издвои пари од развојната програма, а „Парк“ да се реконструира со европски средства зашто е дел од комплексот на Офицерскиот дом, ја нагрдува околината, а не може да се урне бидејќи е под заштита.
За Коњановски пријавата е неоснована и има за цел да ја манипулира јавноста.
„Додека Општината и општинските служби вложуваат максимални напори да реализираат активности со кои ќе се подобри животот на битолчани и тоа според европски стандарди, за што имаме голема поддршка и од ЕУ, СДСМ неуморно се обидува да ги закочи сите иницијативи дури и по цена на губење на европските пари“, се вели во писмената реакција на Коњановски.
Во сличен контекст е и одговорот на секретарот Димитровски, кој вели дека 10 години битолчани бараат и протестираат за велосипедски патеки.
„Најдовме решение заедно со ЕУ истите да се изградат, ЕУ одобри средства, сè се направи но, ете, СДСМ одлучи да рече дека не требало“, вели Димитровски.
На втори октомври, мнозинството во битолскиот Совет не ја изгласа олуката средствата во износ од 400.000 евра наместо за реконструкицја на „Парк“ да се пренаменат за реконструкција на тротоарите и воведување на велосипедски патеки на улиците Васко Карангелевски и Партизанска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА