БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ СВИРКАА И АПЛАУДИРАА ДОДЕКА ЕКСПЕРТ ИМ ЗБОРУВАШЕ ЗА МЕЃУВРСНИЧКО СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО

    БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ СВИРКАА И АПЛАУДИРАА ДОДЕКА ЕКСПЕРТ ИМ ЗБОРУВАШЕ ЗА МЕЃУВРСНИЧКО СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВОСекое трето дете веќе започнува да трпи последици од меѓуврсничко насилство, а многу често децата не бараат помош зашто се чувствуваат понижени и се срамат да го споделат тоа, беше речено на трибината „Превенција од меѓуврсничко насилство“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Со смеење, свиркање, извици и аплауз основци и средношколци од Битола го проследија делот од излагањето на психологот Аница Златевска во кој зборуваше за сексуалното меѓуврсничко насилство. Таа пред полна сала ученици од битолските основни и средни училишта говореше за физичкото, психичкото, булинг и сајбер насилството, но најголема врева се дигна за сексуалното. По ваквата реакција на учениците, психологот им се обрати велејќи им дека мора отворено да се зборуваа на оваа тема.

    На трибината „Превенција од меѓуврсничко насилство“ присуствуваа повеќе експерти, а беше во организација на Основното училиште „Коле Канински“, поддржана од МВР, Клиничка болница, Општина Битола. И покрај сериозноста и актуелноста на темата, на што укажува и статистиката дека секое трето дете е жртва на вакво насилство, дел од присутните ученици не само што не се впуштија во дискусија, туку не можеа да издржат ни трибина од 40 минути, па среде излагања на експертите стануваа да ја напуштат салата.

    „Се одлучивме за оваа тема зашто мислевме дека е во пораст насилството меѓу врсниците во основните и средните училишта, мислевме дека ќе делува едукативно. Сакавме со оваа трибина да ги едуцираме децата за ваквите појави кои се случуваат често во училиштата“, рече Зоран Мирчевски, директор на ОУ „Коле Канински“.

    Истражувањето спроведено во ова училиште со кое беа опфатени 176 ученици и по 20 наставници и родители, покажа дека учениците најчесто меѓусебе вербално се навредуваат. 51 ученик одговорил дека кога некој насилно се однесува кон него и тој враќа со насилство.

    Во предавањата беше истакнато дека учениците не се свесни секогаш кога се малтретирани. Удирање со делови од телото, со креда, туркање, сопнување, гребење е физичко насилство. Потценување, ширење невистини, социјално исклучување, отфрлање, озборување спаѓа во психичко насилство. Сајбер насилство е кога по електронски пат се праќаат навредливи пораки, закани, фотографии и видео снимки.

    „Секое трето дете веќе започнува да трпи последици од меѓуврсничко насилство. Кога трпи насилство кај детето се јавуваат симптоми на депресивно однесување, повлекување, намалена самодоверба, изолација, не сакаат да комуницираат, влегуваат во конфликтни ситуации. Многу често децата не бараат помош зашто се чувствуваат понижени и се срамат да го споделат тоа“, рече Билјана Гагачовска, специјалист психијатар и раководител на Одделението за ментално здравје за деца и млади во Клиничка болница Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира