БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА ПОЛУПРАЗНИ

    БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА ПОЛУПРАЗНИОсновното училишта „Гоце Делчев“ иако е во центарот на Битола, има паралелки со половина ученици од законскиот минимум, односно по 12 во четврто, петто, шесто и осмо одделение (Фото: СДК.МК)

    Катастрофални се последиците од намалениот наталитет, како и од големиот иселенички бран од кој е зафатена Битола во последните неколку години. Централните училишта во градот, а и околните во руралните средини никогаш порано не биле со помал број на ученици.

    Ова е трета година како Советот на Општина Битола дава согласност настава да се изведува и во паралалеки со помал број ученици од минимално дозволениот, 24. Ваквите мерки се преземаат за да не дојде до завторање на паралелки и отпуштање на наставниот кадар.

    Според извештаите кои основните училишта ги доставија до Советот, во училиштата во градот има паралелки кои работат дури и со пет ученици. Така, училиштето „Ѓорги Сугарев“ побарало во деветто одделение една од паралелките да опстојува со пет ученици. Во осмо одделение едната од паралелките е со седум, а друга со единаесет ученици.

    Основното училиште „Гоце Делчев“ иако е во центарот на Битола, има паралелки со половина ученици од законскиот минимум, односно по 12 во четврто, петто, шесто и осмо одделение. Основното „Даме Груев“ има шест паралелки со по 14 ученици. Во „Кирил и Методиј“ кое исто така е во центраот на градот, од прво до деветто одделение останаа само по две паралелки. Слични се состојбите и во другите основни училишта.

    Во подрачните училишта во околните рурални средини има исто така осипување на бројот на ученици. Така, во школото во Цапари од предметна настава има одделенија и со по тројца ученици, во Лопатица исто така, во Логоварди паралелка со пет ученици.

    Во средните училишта во Битола најзагрижувачка е ситуацијата во земјоделството „Кузман Шапкарев“, каде една паралелка од прва година по земјоделско-ветеринарна струка опстојува со девет ученици. Во повисоките класови има паралелки со по шест до осум ученици. Дозвола да се формираат паралелки со помал број ученици од минимално дозволениот побараа и гимназијата „Јоспи Броз Тито“ по одделени предмети, економското училишта „Јане Сандански“, гимназијата “Таки Даскало“ и други.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира