Министерот за култура Зоран Љутков вчера во Битола, во присуство на премиертот Христијан Мицкоски, го означи почетокот на реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“, кое пак, беше еден од проектите што своевремено ги најавуваше последната министерка за култура во владата на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска и за кои имаше кажано дека е обезбедена потребната документација.
Љутков вчера кажа дека киното е дел од затекнатите нереализирани и закочени проекти, поради што Министерството посветено работело на откочување на наследените проекти за создавање реални услови за нивна вистинска реализација.
„Многу често зборувам за проектите со кои се соочивме во делот на капиталните инвестиции. А тоа е дека со соочивме со огромен број проекти со раскинати договори, незаконска градба, без средства во текот на годината. Успеавме за една година скоро на сите капитални инвестиции да им обезнбедиме соодветни услови за работа, на дел за доизградба, дел за реконструкција. Такво е и поранешното кино ‘Партизан’, за оваа реконструкција со одобрени 96 милиони денари (над 1,5 милиони евра) и е потпишана тригодишна јавна набавка“, рече Љуков.
Ексминистерката Костадиновска-Стојчевска реагираше дека обвинувањата на Љутков се лага.
„Лага е дека министерот Љутков начекал закочени проекти, затоа што начека готови и спремни проекти кои само требаше да ги реализира. Што и можеше во 2024 година, барем првата фаза да ја направи или еве барем да го расчистеше ѓубрето околу објектот! Кино ‘Партизан’ ниту беше закочено ниту беше нефункционален проект! Кино ‘Партизан’ беше спремен проект со сите завршени формалности и само требаше да почне да се работа! Зошто чекаше една година, требаше да одговори“, вели ексминистерката.
Таа објаснува дека уште во 2023 во Програмата за капитални инвестиции обезбедиле пари за проектна документација, завршила јавната набавка, бил одбран идеен проект кој се адаптирал според потребите на културната сцена. Во 2024 биле обезбедени средства за да започне реконструкцијата на „Партизан“ од Програмата капитални инвестиции.
Киното освен за проекции ќе се користи и за други културни настани. Со тоа, Битола ќе добие шестти објект со ваква цел под надлежност на Министерството за култура, а со него ќе стопанисува Битолскиот театар. И Љутков изјави дека во Битола има најмногу институции од културата кои се во надлежност на Минситерството, а рече дека со киното градот повторно го дигаат на пиедесталот на македонската култура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА