БИТОЛСКОТО МЕЃУНАРОДНО БИЕНАЛЕ НА ГРАФИКИ И ЦРТЕЖИ УСПЕШНО СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОЛУН

    БИТОЛСКОТО МЕЃУНАРОДНО БИЕНАЛЕ НА ГРАФИКИ И ЦРТЕЖИ УСПЕШНО СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОЛУНБиеналето, чиј организатор е графичкиот уметник и ликовен критичар Владо Ѓорески, беше изложено во галеријата во Неаполи-Сикиес во Солун. (Фото: Биенале)

    Меѓународното биенале на минијатурни графики и цртежи „Битола 2023“ гради културни мостови на соработка меѓу Битола и Солун, Грција. Биеналето, чиј организатор е графичкиот уметник и ликовен критичар Владо Ѓорески, доживеа голем успех и меѓународно признание на изложбата на 3 септември во една од најголемите и најзначајни галерии во Неаполи-Сикиес во Солун. Проектот, поддржан од Општина Битола, содржи над 800 дела на автори од 90 држави од светот кои во Солун беа поставени во 4 посебни оддели на два ката во галеријата.

    Од Биеналто велат дека на свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на солунската Општина Неаполи-Сикиес, Симос Данаилидис, кој рече дека ова е една од најзначајните изложби по монументалниот обем и сериозен уметнички пристап, организирана во изминативе дваесетина години во Солун. Со ова, Битола се потврдува и наметнува како балкански центар на графиката чие значење е присутно и актуелно во светски рамки, рече Данаилидис и изрази надеж и желба со овој настан да се отворат вратите за културна и творечка соработка меѓу Битола и Солун. Тој како возвратна изложба ја понуди значајната збирка што ја поседува Галеријата во Неаполи- Сикиес со дела од светски графички творци. Рече дека има голема желба за посета на Битола и средба со градоначалникот Тони Коњановски, тврдејќи дека Битола според својот културен екстракт, е најзначајна општина од соседството.

    Биеналето содржи над 800 дела на автори од 90 држави од светот кои во Солун беа поставени во 4 посебни оддели на два ката во галеријата во Солун. (Фото: Биенале)

    Една од најзначајните ликовни авторитети во Грција, професорката на Солунскиот универзитет по современа уметност, Луиза Авгита, за Битолското меѓународно биенале, рече дека е една од „ретките, ако не единствено во европски контекст каде се негува искрен, човечки, ликовен, хуманистички и чист емотивен и мисловен ликовен однос кој што е прогонет од Европа и заменет со сурогат на бесцелни уметнички формализми“. Таа истакна дека Битолскиот графички феномен ќе биде посебен интерес на нејзината натамошната проучувачка работа.

    Битолскиот уметник Владо Ѓорески веќе две години активно соработува со уметникот Јани Промос, водач на ликковното движење „Faire Art“ едно од најзначајните во Грција, кој се смета за своевидна креативна, творечка и рефлексивна совест во соседната држава.

    Биеналето во октомври 2023 година за првпат се одржа во Битола, а негов белег е тоа што ги опфаќа ликовните уметници од цел свет без наметнат елитизам.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира