БЛОКИРАНА СМЕТКАТА НА ГРАД СКОПЈЕ, ГРАДОТ Е ПРЕД БАНКРОТ

    БЛОКИРАНА СМЕТКАТА НА ГРАД СКОПЈЕ, ГРАДОТ Е ПРЕД БАНКРОТИзвори за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека Градот извесен период е во лоша финансиска состојба односно е пред банкрот, а му се закануваат присилни наплати и од други фирми. (Фото: К. Попов)

    Блокирана е сметката на Град Скопје, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од официјални извори кои не се овластени да даваат изјави. Градоначалничката Данела Арсовска прво не одговараше на нашите телефонски повици ниту порака во која ја прашавме дали Градот е со блокирана сметка и зошто е доведен во ваква ситуација. Потоа излезе со соопштиние во кое тврди дека сметката на градот Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата.

    Буџетската сметка преку која се вршат сите плаќања кон доверители, се делат плати на вработени, се префрлаат пари за субвенции на јавните претпријатија е блокирана поради долг на Градот. Извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека блокадата е поради тужба кон Градот за предмет од пред 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите.

    Дознаваме дека и до градската администрација било доставено писмо со информации за долгови кои може многу брзо да бидат активирани со оглед на тоа што станува збор за неколку завршени судски постапки.

    „За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил ексградоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту ексградоначалникот Петре Шилегов. Градот Скопје во последната година дена успеа да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите“, тврди Арсовска во соопштението.

    Нашите извори исто така тврдат дека Градот извесен период е во лоша финансиска состојба, односно е пред банкрот. На сметката на Градот се случувало да има меѓу 10 и 20 милиони денари или само околу 200.000 евра, што не е доволно ниту да се исплатат плати на вработените. Токму поради тоа што Градот нема пари на сметка, не можат да се повлечат парите од тужбата и затоа сметката е блокирана. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава и дека на Градот му се закануваат присилни наплати и од други фирми на кои им должи пари.

    Во ваква финансиска ситуација и со блокирана сметка Град Скопје не бил во мандат на ниту еден досегашен градоначник. Во времето на ексградоначалниците Коце Трајановски и Петре Шилегов, Градот на сметката имал на дневна основа најмалку по 5 до 6 милиони евра. И тогаш Градот имал тужби, ама сметката не била блокирана бидејќи имало пари да се повлечат пари по тужбата.

    Данела Арсовска дојде на функцијата градоначалничка на Скопје како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а беше поддржана и од Алијанса за Албанците. Таа во изборната кампања ветуваше модерно Скопје и велеше дека на градот му треба менаџер. По само една и пол година од нејзиното менаџирање, Скопје е со блокирана сметка и пред банкрот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира