Општина Центар ќе прави куќарки за бездомни кучиња и ќе ги поставува пред кафулиња. Куќарките за згрижување на кучињата, ќе се поставуваат само пред оние локали во Скопје, чии сопственици ќе дозволат и ќе се пријават дека ја поддржуваат оваа акција на Општината.
„Oпштина Центар и ЈП Паркинзи Општина Центар почнуваат нова граѓанска хуманитарна акција за заштита на бездомните животни кои во изминативе неколку дена беа изложени на масовно труење во Скопје. Од денес во просториите на ЈП Паркинзи на Општина Центар од 14 до 19 часот ќе се изработуваат привремени засолништа за бездомните животни со цел да им се помогне да ја преживеат зимата, но и да се заштитат од несовесните граѓани. Засега имаме голем интерес, многу граѓани се јавија не само да помогаат во изработката, туку и да донираат куќарки и ќебиња за бездомни кучиња“, вели Емилија Попоска, дел од одговорните за спроведување на акцијата.
Материјалите за изработка на куќарките се обезбедени од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА