Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кој тврдеше дека тој не одлучува дали во основното училиште „Киро Глигоров“ ќе има приватна гимназија, се премисли и стана надлежен да одлучува. Неколку часа по објавата на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК во кој тврдеше дека по барањето на средното приватно училиште „Арс студио“ ќе одлучува училишниот одбор, а не тој, на својот фејсбук профил напиша дека тоа нема да го дозволи.
„Средно образование во ООУ ‘Киро Глигоров‘ нема да дозволиме. Изградивме ново, модерно и современо основно училиште, градено по сите стандарди, кое треба да претставува пример во земјата, а не пречка“, напиша Богдановиќ.
Родители на децата од училиштето до нашата редакција ги испратија петициите кои ги доставиле до училиштето, Советот на Општина Центар, градоначалникот Богдановиќ и Министерството за образование откако на 24 ноември стасало барање од средното приватно училиште да го изјамнат новото основно училиште во скопската населба Капиштец и во иста зграда да учат деца од средно и основно образование. Ова барање директорката на училиштето го ставила да го разгледува и по него да одлучува училишниот одбор во кој членуваат советниците во Општина Центар од владејачката партија, наставници и претставници на родителите.
Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК побара став и од министерката за образование Мила Царовска, дали смета дека е во ред во иста зграда да има и државно и приватно училиште, односно основно и средно. Од нејзиниот кабинет не добивме став туку само ни испратија член од законот кој покажува дека основните училишта се под надлежност на општините.
„Согласно член 22, став 3 од Законот за основното образование, општинското основно училиште се основа од општината, врз основа на одлука на Советот на Општината“, ни одговорија кусо од кабинетот на Царовска.
На свеченото отворање на училиштето Киро Глигоров, иако ненадлежен, присуствуваше тогашниот министер за образование Арбр Адеми.
Родителите на децата од новото училиште кое беше отворено во септември 2019 остро реагираат и не дозволуваат да се спроведе идејата училиштето да се рента за приватна гимназија.
„Педесет години чекавме да се изгради школо во Капиштец, таман го добивме и сме горди што е најмодерно во државата, сега сакаат да го изнајмат на приватна гимназија. Неприфатливо е ваквото барање бидејќи ќе доведе до мешање на деца од различни возрасни групи со различен емотивен, физички и социјален развој. Тое е несоодветно, дури помалку и скандалозно. Од овие причини постојат посебни објекти за осново, средно и високо образование. Вакви важни одлуки кои е однесуваат на нашите деца и на нашето училиште, кое е изградено со наши пари, не смее и е недозволиво да се носат без општ консензус на сите засегнати страни. Ниту училиштето, ниту Општината, ниту пак Министерството за образование не смеат да имаат ексклузивност во носење на одлуката. Училиштето ‘Киро Глигоров‘, треба да остане училиште за основно образование, во кое нашите деца непречено ќе бидат образувани и воспитувани од наставниот кадар и ќе се дружат со своите врсници како што им прилега на нивната возраст“, велат родителите кои до редакцијата на САКАМДАКАЖАМ. МК ги доставија петициите поднесени против барањето.
А. АНТЕВСКА