Општина Карпош од понеделник ќе спроведува анкета меѓу жителите на населбите Карпош 1 и Карпош 2, дали сакаат да се воведе зонско паркирање. До Општина Карпош стигнале барање со потписи од 300 граѓани да се воведе зонско паркирање во овој дел од општината, бидејќи станарите немаат каде да паркираат од возила на граѓани од други општини и градови.
„Јас на моја иницијатива нема да воведам зонско паркирање. Тоа ќе биде ако сакаат граѓаните. Стигна барање до нас во кое се вели дека секојдневно и преку ден и навечер, бидејќи во близина е Дебар Маало, Градски парк и Зоолошка градина, паркинзите пред зградите им се блокирани од возила. Затоа ќе спроведеме анкета и доколку мнозинството граѓаните бидат за, ќе се воведе зонско паркирање како во населбата Аеродром“, вели градоначалникот Стефан Богоев.
Станува збор за просторот меѓу улицата Рузвелтова и булеварите Илинденска, 8-ми Септември и Партизански одреди.
Доколку се воведе зонско, паркирањето ќе го регулира ЈП „Градски паркинг“. Делот од Карпош ќе биде Д зона, што значи за станарите ќе биде бесплатно. Во еден стан бесплатен паркинг ќе биде дозволен за три возила. За останатите граѓани паркирањето ќе чини 25 денари за еден час.
А. АНТЕВСКА