БОКСОВИ СО ПОДНО ГРЕЕЊЕ ЗА КУЧИЊАТА И АМБУЛАНТА СО ИНТЕНЗИВНА НЕГА, ОТВОРЕН НОВИОТ СТАЦИОНАР „ЛАЈКА“

    БОКСОВИ СО ПОДНО ГРЕЕЊЕ ЗА КУЧИЊАТА И АМБУЛАНТА СО ИНТЕНЗИВНА НЕГА, ОТВОРЕН НОВИОТ СТАЦИОНАР „ЛАЈКА“Стационарот има капацитет за згрижување на 100 кучиња, секој од кафезите, односно целиот објект е со подно греење, има дел за вдомување на кучиња, амбуланта, операциони сали, соба за интензивна нега, собата за постоперативен третман  и карантински дел. (Фото: Град Скопје)

    После година и половина откако беше затворен денеска повторно беше отворен стационарот за бездомни кучиња на ЈП „Лајка“. Стационарот сега е целосно реновиран, има капацитет за згрижување на 100 кучиња, секој од кафезите, односно целиот објект е со подно греење, има дел за вдомување на кучиња, амбуланта, операциони сали, соба за интензивна нега, собата за постоперативен третман  и карантински дел, а во дворот на стационарот направен е парк за кучињата.

    „‘Лајка’ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Имено, пред година и половина кога размислувавме за решавање на деценискиот проблем што Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека целосно треба да го смениме концептот и ова што го гледате денеска е само почеток на тој концепт и официјален крај на ‘Вардариште’. Стационарот е донација на градежните комори односно на дваесетина градежни фирми кои изведуваат објекти во Скопје, а не се поврзани во Градот. Вредноста на донацијата е околу 30 милиони денари, а делот на партерно уредување е од јавните претпријатија на Град Скопје“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Директорката на ЈП „Лајка“ Тина Петрушевска кажа дека со реновираниот објект комплетно е променета сликата на стационарот. Условите за кучињата се многу подобри за разлика од минатото, направена е амбуланта во која ќе бидат вработени ветеринари и во иднина нема да се склучуваат договори со приватни ветеринари за третирање на бездомните животни.

    „Амбулантата располага со дел за интензивна нега и постоперативен дел. Има дел за карантин кој ќе биде поделен на два дела. Едниот ќе биде за кучиња кои каснале граѓани.  а другиот дел за болни кучиња. Посебно внимание ќе се посвети на делот за вдомување кучиња, ќе ги објавуваме кучињата на социјалните мрежи, за да го мотивираме граѓаните да вдомат милениче“, рече директорката Петрушевска.

    Петрушевска кажа дека според анализите кои ги правеле со Агенцијата за храна и ветеринарство на скопските улици има 1.970 кучиња.

    „Можеби ви изгледа дека во градот има повеќе кучиња, но таков впечаток се добива бидејќи се собираат во чопори. Наша цел е да ги разбиеме тие чопори, секако на хуман начин. Дневно имаме над 30 барања за дислоцирање на кучиња, но граѓаните мораат да знаат дека стационарот е само транзит зона односно чипираните и третираните кучиња ќе бидат вратени во населбата од каде што биле заловени“ рече Петрушевска.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира