БОЛНИ ОД КОВИД-19 ШЕСТ ЧЛЕНА НА ТЕТОВСКО СЕМЕЈСТВО НА ВОЗРАСТ ОД ЕДНА ДО 61 ГОДИНА, СИТЕ ВОЗРАСНИ НЕВАКЦИНИРАНИ

    БОЛНИ ОД КОВИД-19 ШЕСТ ЧЛЕНА НА ТЕТОВСКО СЕМЕЈСТВО НА ВОЗРАСТ ОД ЕДНА ДО 61 ГОДИНА, СИТЕ ВОЗРАСНИ НЕВАКЦИНИРАНИВо Ковид-центарот во Тетово не лежи ниеден болен. (Фото: СДК.МК)

    Две лица имаат делта сој на ковид-19, додека 14 лица позитивни на ковид-19 од кои шест се од едно семејство, е сликата на епидемиолошката состојба во Тетово во изминативе три денови. Олабавените мерки, напливот на нашите гастербајтери кои сега го користат летниот одмор во родниот крај, бројните свадби, отворените кафулиња и ресторани, го зголеми стравот кај епидемиолозите дека заразата повторно може да се разгори, па тие бараат построго почитување на мерките за заштита од ковид-19.

    „Овие две лица кај кои е детектиран делта сојот се од исто семејство. На нив, во приватна клиника во Скопје, им бил направен ПЦР тест бидејќи сакале да се вратат во Германија каде живееле и работеле. Тогаш случајно е откриено дека со заразени со овој делта сој. Тие немале никаков симптом на заразата, а не биле ниту вакцинирани. Тие се ставени во домашна изолација и секојдневно се следи нивната здравствена состојба. Другите лица од семејството не се позитивни на болеста. Засега, нема нови случаеви за заразени со овој сој на вирусот. Не можеме со сигурност да утврдиме како тие се заразиле. За жал, во Тетово мерките за заштита од ковид-19 речиси воопшто не се почитуваат и не се носи заштитна маска“, изјави епидемиологот Сузана Субашиќ од Центарот за јавно здравје во Тетово.

    Поради ова, од Центарот за јавно здравје бараат да се заострат мерките за заштита бидејќи и бројот на новозаразени со досегашните варијанти на ковид-19 почна да расте. Вчера во Тетово биле регистрирани три новозаболени лица, но затоа пак пред два дена се регистрирани 11 новозаразени од кои, 6 се од исто семејство на возраст од една до шеесет и една година. И тие, според информациите од Центарот за јавно здравје, не биле вакцинирани.

    Од Ковид центарот во Тетово велат дека кај нив нема хоспитализирано ниту еден пациент, бидејќи меѓу сите новозаразени нема со потешка клиничка состојба.

    З.АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира