БОЛНИ СО КОВИД НА 15 И 18 ГОДИНИ ВО СЕРИОЗНА СОСТОЈБА ЛЕЖАТ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, НЕ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИ

    БОЛНИ СО КОВИД НА 15 И 18 ГОДИНИ ВО СЕРИОЗНА СОСТОЈБА ЛЕЖАТ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, НЕ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИБитола за неколку дена се искачи на второ место во државата по број на активни болни од ковид-19, веднаш по Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Расте бројот на позитивни ковид пациенти во Битола, а со тоа и притисокот врз Ковид-центарот во Клиничката болница во Битола. Хоспитализирани се 45 лица, меѓу кои и две млади лица од 15 и од 18 години, а во амбулантата има од 70 до сто дневни прегледи, меѓу кои сѐ повеќе млади.

    „Имаме брз пораст на позитивните случаи во Битола што создава голем притисок врз Ковид-центарот, за неколку дена имаме удвојување на бројките на хоспитализирани. Двете млади лица се на возраст од 15 и 18 години, имаат сериозна клиничка слика, немаат коморбидитети, но не биле вакцинирани, а од друга страна пак имаме и доста пациенти од повозрасна популација помеѓу 85 и 92 години“, вели Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница од Битола.

    Според неа, уште повеќе загрижува големиот притисок врз дневната амбулантата каде исто така доминираат пациенти од помладата популација.

    „Веќе се забележуваат деца под 18-годишна возраст кои бараат помош. Упатувам апел до граѓаните да се вакцинираат, оние кои е потребно да ја примат и третата доза. И она што е најважно, да ги почитуваат препораките кои се покажа дека имаат големо влијание за намалување на трансмисијата, а тоа е носењето на маска, негрупирањето и одржувањето дистанца“, рече Гагачовска.

    Битола за неколку дена се искачи на второ место во државата по број на активни случаи, 580, веднаш по Скопје. Во државата нема ниеден друг град од внтрешноста каде има над 500 заболени од коронавирус.

    Изминатите денови интересот за вакцинација се намали. Ако во октомври дневно имаше по 400 вакцинирања со трета доза, овој месец бројката е преполовена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира