БОЛНИЦАТА ВО СТРУМИЦА ПОЛНА СО БОЛНИ ОД КОВИД-19, ЌЕ СЕ ОТВОРА И НОВ ДЕЛ

    БОЛНИЦАТА ВО СТРУМИЦА ПОЛНА СО БОЛНИ ОД КОВИД-19, ЌЕ СЕ ОТВОРА И НОВ ДЕЛВо моментов, на Инфективното одделение во Струмичката болница се лекуваат вкупно 15 пациенти, што е максимумот согласно дадените протоколи за работа од здравствените власти и во ковид-болница ќе се адаптира простор од новиот болнички крак кој уште не е ставен во функција. (Фото: СДК.МК)

    Инфективното одделение во Струмица е полно со пациенти заразени со ковид-19. Таму веќе извесен период нема можности за сместување нови болни со полесна клиничка слика, поради што струмичката болница почна со опремување дополнителен простор.

    Директорот на болницата Наќе Гогов вели дека се работи на адаптирање на простор од новиот болнички крак кој уште не е ставен во функција, за да можат да одговорат на потребите на пациентите, бидејќи бројката заболени во Струмица секојдневно се зголемува.

    „Во моментов на Инфективното одделение се лекуваат вкупно 15 пациенти, што е максимумот согласно дадените протоколи за работа од здравствените власти. Со оглед дека бројките деновиве се двоцифрени, се чувствува потреба од згрижување на лицата со полесни сиптоми, така што приморани сме да опремуваме дополнителен простор за да бидат третирани на соодветен начин“, кажа Гогов.

    Тој вели дека станува збор за решение додека не се подигне монтажната ковид-болница, за што летово согласност дадоа 16 општини од земјава. Според него, струмичката болница има просторни услови кои може да се адаптираат за сместување на пациенти со полесна клиничка ковид слика.

    „Последниве денови станува втор град по инфицирани во земјава, поради што одговорноста мора да биде голема кај сите. Сето тоа што ни се случува е резултат на непочитување на мерките“,  вели Гогов.

    За три дена во Струмица се регистрирани дури 45 позитивни на ковид-19, со што активни се 90. Освен возрасни, како што тврдат лекарите, се зголемува бројот на заразени лица и од помладата популација. Од почетокот на пандемијата, во Струмица регистрирани се 157 позитивни, а 7 лица починаа од компликации предизвикани од коронавирусот.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира