Гаснењето на борова шума е една од потешките акции при пожари на отворено, вели Адем Лимани, координатор „ер тракторите“ при Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тој веќе осми ден е на терен откако избувнаа пожарите, а денес беше дел од координацијата кај битолското село Буково каде гаснеа двата „ер- трактора“ на ДЗС и хрватскиот канадер.
„Ефектот е помал кога се гасне борова шума зашто исфрлената вода не успева целсоно да падне на земјата каде што гори тревата, а кога гори борова шума и смрека има црн чад зависи и од влагата на воздухот и од многу други фактори“, вели Лимани.
Тој рече дека водата се фрла веднаш над пожарот во зависност од условите на теренот и вегетацијата, обично на висинска оддалеченост од 5 до 15 метри. Количината на водата зависи од времето на летот, а како што се намалува потрошувачката на гориво може да се пренесе и до три тони вода.
„При гаснење имаме одредени критериуми кои не можеме да ги заобиколиме, безбедноста е прва, ако теренот е многу зачаден, се намалува прегледноста и немаат целосен увид пилотите на жариштето кај точно гори, акцијата запира. Во такви услови ако ја фрли водата во чадот може да биде во изгорениот дел и да биде неефикасна, па во оредени услови сме принудени да прекинеме“, вели Лимани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА