Се уредува Клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ на улица Рузвелтова во Битола, за саботното отворање на кое се очекува да присуствува премиерот на Бугарија Кирил Петков и потпретседателката на државата Илиана Јотова. Денес, на два дена пред отворањето на клубот, кој е во сопственост на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, имаше лица кои го средуваа местото, а во близина на објектот беше паркирано возило со битолски регистарски таблички кое на внатрешниот ретровизор имаше знаменце од Бугарија.
Клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ се отвора во објект кој претходно беше пивница, а обележјата во однос на името на клубот и центарот што го отвора беа поставени уште во февруари годинава, но изминатите два месеца вратите останаа затворени. Тоа е истиот културен центар, кој во март лани ја разбранува јавноста во земјава и во Бугарија, по писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија.
Овој центар пред две години организираше промоција на книги за Тодор Александров и полковник Дрангов од поранeшниот бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, лидер на националистичката партија ВМРО-БНД, на која и самиот присуствуваше.
Исто така, пред два месеца малку недостигаше семејната расправија на секретарот на ова бугарско здружение да предизвика меѓународен инцидент. Бившата сопруга на секретарот му ги искрши киоскот во кој продаваше цвеќиња и свеќи кај црквата „Св. Недела“. Случајот тој не само што го пријави во СВР, туку и во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, за на крај да излезе дека нема врска со нетрпеливост кон Бугарите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА