Лидерот на ДПА Мендух Тачи на денешната прес-конференција директно ги обвини вицепремиерот Бујар Османи, од ДУИ, и Исламската верска заедница (ИВЗ) дека се виновни што во изминативе неколку денови нагло е зголемен бројот на заразени од КОВИД-19. Тој вели дека тие вршеле голем притисок врз институциите да се отворат џамиите во деновите на празникот Рамазан бајрам.
„Сите се наоѓаме во многу тешка ситуација, а има луѓе кои се однесуваат неодговорно. Мислам дека неодговорноста на Бујар Османи и на поранешната и сегашната Исламска верска заедница, кои направија огромен притисок за да се отворат џамиите за Рамазан бајрам, се главните виновници за оваа ситуација. Не можеме да ги прифатиме квалификациите дека Албанците се познати во Македонија по тоа што не ги почитуваат правилата на институциите во врска со пандемијата. Имаме конкретни бројки кои укажуваат дека ние, Албанците, заедно со другите граѓани успеавме 90 денови убаво да се бориме со пандемијата. Тие што сакаат да печалат политички поени, а и сегашната ИВЗ да има материјални добивки, и правеа огромен притисок, сега треба да се чуствуваат одговорни и тие се единствените одговорни за оваа ситуација. Апелираме до граѓаните во оваа тешка ситација да ги почитуваат правилата. Знаеме дека е тешко да се остане дома повеќе од 48 часови но, нема друг начин“, изјави Тачи на прес-конференцијата.
Тачи се надева дека следната недела ќе излеземе од оваа ситуација и најави оти тогаш ќе го објави новиот економски проект на ДПА за време на пандемијата и после неа. Тој, исто така, истакна дека го честитал изборот на новата Влада на Косово и очекува во текот на јули да продолжат преговорите на Косово со Србија и со помош на САД да се затвори овој процес со взаемно признавање на државите.
З. АНДОНОВ