Бурекчилница во Битола за верскиот празник Василица измамила поголем број битолчани кои учествувале на традиционалното вртење мазник со паре, со тоа што на купувачите кои кај нив порачале мазник им открила каде се наоѓа среќната паричка. На овој начин, наместо парето да падне случајно кај некој од учесниците во традиционалното вртење мазник, некои од василичарите знаејќи го каде се наоѓа, повторно си го наместиле да заврши кај нив.
Народот верува дека оној кому ќе му се падне парето ќе го прати среќа цела години, а постои и навика сите кои учествуваат во обичајот да дадат пари кои завршуваат кај среќниот добитник. Во некои друштва од учесник се даваат по 100 денари, но има и такви каде, како што пораснаа трошоцоците и се зголеми и влогот за Василица, даваат и по 500 денари од лице. Ако се соберат 10 лица кои вртат мазник, се собираат и по 5.000 денари.
„Бидејќи во друштвото сме дваесет и четворица, не може да се врти еден мазник, па нарачавме 24 мазничиња. Кога ги купував, вработениот ме праша: ‘Сакаш да видиш каде ќе го ставам парето, за да си знаеш?’ Ме изненади ваквото прашање зашто сум верник и му одговорив дека тоа е божја работа и нема што тој да меша прсти во тоа. Но, по мене дојде друг муштерија кој купуваше за фирма 40 мазничиња и на него му покажа во кое ќе биде парето. Зад нас чекаа редица купувачи“, вели битолчанецот Зоран Ристевски.
Во големите друштва или компании се купуваат повеќе мазничиња, а парето е само во едно од нив. Над нив се ставаат бројчиња и потоа секој избира по едно мазниче со број. Ако некој знае во кое печиво е парето, ќе го избере соодветниот број и парето ќе заврши кај него. Тој за следната година ќе има обврска да набави мазници.
Битола пред, за и по Василица ја тресе василичарска треска. Мазничиња со пари се вртат дома, на работа, во друштвата. Кафеаните се резервирани на овој празник и вечерта на 13 јануари, битолчани најчесто празникот го слават со музика. Се верува дека секоја година битолчани сукаат и јадат над 40.000 мазници.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА: