ЧЕШКА ФИРМА ЌЕ ГО ОДРЖУВА ОСВЕТЛУВАЊЕТО ВО КУМАНОВО

    ЧЕШКА ФИРМА ЌЕ ГО ОДРЖУВА ОСВЕТЛУВАЊЕТО ВО КУМАНОВОГрадоначалникот Димитриевски тврди дека најголеми поплаки од граѓаните досега имал токму за осветлувањето (Фото: СДК.МК)

    Чешка фирма, која го одржува осветлувањето во Охрид, го доби тендерот за јавно-приватно партнерство во Општина Куманово за модернизација и одржување на јавното осветлување во градот. На меѓународниот тендер се јавиле само две фирми, од кои „ИЦС системи“ од Прага, со подружница во Охрид, понудила најдобри услови.

    Компанијата треба да вложи 4,7 милиони евра во осовременување и модернизација на системот на осветлување на 9.340 светлечки места, а со него ќе стопанисува 10 години.

    „Ова е проект од кој најголема корист ќе имаат граѓаните. Ќе се подобри квалитетот на уличното осветлување, согласно меѓународни стандарди и ќе биде инсталирана современа ЛЕД-опрема, со можност за приклучување на смарт системот, кога Општината ќе го обезбеди. Фирмата има обврска во првите шест месеци да ја инсталира опремата, која потоа ја добива на стопанисување во наредните 10 години. Во тој период ќе издвојува дел од заштедата, а 22 проценти од вкупната комунална такса што се собира од граѓаните ќе враќа во буџетот на Општината. За 10 години ќе имаме инсталирано комплетно ново осветлување“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој тврди дека најголеми поплаки од граѓаните во изминатите две години има токму во делот на осветлувањето.

    Тој додава дека за Општината е многу битен и финансискиот дел, бидејќи ќе се заштедат од 6 до 30 милиони денари со тоа што нема да се инвестира во осветлувањето, а како партнери, ќе добиваат минимум 16 милиони денари годишно од комуналната такса, кои ќе се вложуваат во развој на општината.

    Досега со осветлувањето стопанисуваше ЈП „Куманово-паркинг“, а ова е прво јавно-приватно партнерство во Општина Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира