Докторката по интерна медицина и субспецијалист-кардиолог Ненси Лозанче е именувана за в. д. директорка на Клиничката болница во Битола од министерот за здравство д-р Арбен Таравари. Доаѓа на местото на досегашната директорка Елизабете Ивановска.
Лозанче е догогодишна лекарка во Битолската болница, која прва во Битола изведуваше стентирања на периферни крвни садови. Порано го раководеше и Кабинетот за коронарографија и периферна ангиографија во болницата.Таа е и актуелна советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет.
Од Министерството за здравство соопштија дека министерот д-р Арбен Таравари именуваше нови в. д. директори во вкупно 14 јавни здравствени установи, и тоа во Институт за трансфузиона медицина–Скопје, Амир Елези, во Општа болница Куманово, Стефан Трајановски, во Општа болница Велес, Александар Бузалков, во Психијатриска болница Демир Хисар, Стевче Цветановски, во Универзитетски институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска, во Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“– Скопје, Мухсин Арифи, во Општа болница Охрид, Горан Маркоски, во Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија, Игорче Џиковски, во Универзитетска клиника за детска хирургија, Лазе Јовчевски, во Здравствен дом Вевчани, Рената Пешиновска, во Центар за јавно здравје Тетово, Шпенди Амети, во Центар за јавно здравје Прилеп, Горан Кузески и во Здравствен дом Радовиш, Стојанче Петров.
Ж. ЗДРАВКОВСКА